ПРЕДИЗВИК Е ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА НА ПРИЛЕП

Интервју со Д-р Славчо Ковилоски, книжевен историчар и писател

-Се негува вековниот оригинален дух на граѓаните

Pero 1

Д-р. Славчо Ковилоски е роден во Скопје 1978 година. Работи во Институтот за македонска литература при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј,, во Скопје. Автор е на повеќе научни дела од областа на книжевноста, историјата и културологијата, меѓу кои ги ,,Од Прличев до Конески,, (студии), ,,Отворени страници,, (критики и есеи), ,,Македонското женско творештво во 19 век,,, ,,Прилеп и Прилепско во 19 век,,, (културно – историски процеси), ,,Прилепчани 19 век,,, (енциклопедиски именик), ,,Македонија, кратка енциклпедија револуционери,,, ,,Македонија и балканските војни,, (монографија).

Од книжевното творештво – ,,Сонцето повторно ќе изгрее” (поезија), ,,Поезија во движење,, ,,Опасен ум,, (роман), ,,Крале Марко или синот на Волкашин,,, ,,На ножот,, (монодрами), ,,Сонување,, (роман), ,,Барутна поезија,, ,,Крале Марко по вторпат,, (поема) и др.

Добитник е на повеќе награди меѓу кои: награда за наука ,,13 Ноември,,, ,,Григор Прличев,, за поема, ,,Јован Котески,, и др.

Во 2018 година е носител на најголемата државна награда ,,Гоце Делчев,, за особено значајно остварување од интерес на Република Македонија од областа на науката, за монографијата ,,Прилеп и Прилепско во 19 век (културно – историски процеси.

Г. Ковилоски, знам дека сте родени во Скопје, но не ретко ве среќавам во Прилеп. Има ли некоја ,,тајна врска,, меѓу вас и овој град?

Нема ништо тајно во мојата врска со Прилеп. Тоа е една јавна љубов што ја искажувам секое време и на секое место. Тој чин е дело на вкупната енергија која егзистира во градот и во неговата околина и која едноставно ме примамува преку чаршијата, спомениците, библиотеката, околните цркви и манастири, а можеби најмногу од сé, од прилепчаните и нивниот дух.

Активно се занимавате и со наука и со книжевност. И едното и другото бараат сериозен творечки ангажман. На кое ,,царство,, би му се приклониле, кога би се нашле во хипотетичка ситуација ,,или или,,?

Прашањето е интересно. Тешко дека некогаш би можел да го одговорам. За мене, тоа е како избор меѓу покажување љубов кон едното или другото дете, што е неможно. Подеднакво им припаѓам и на книжевноста и на науката.

Темата ,,Прилеп и прилепчани низ историјата,, како да натежнува во вашите научни трудови, но и во вашите книжевни дела. Дали е ова само моја перцепција?

Во право сте, темата Прилеп и Прилепско зазема еден од централните делови од моето творештво. Покрај проучувањето на одделни аспекти од македонската историја и книжевност, историјата на градот и околината за мене е секогаш предизвик. Ако се навратиме на значењето на скрипторските центри во Трескавец, Зрзе и Слепче, ако се потсетиме на силниот просветителски дух на прилепчани во историјата, зачуваните архивски материјали и објавените текстови од 19 и 20 век, ни покажуваат развиен книжевен, духовен и културен центар кој мора да се проучува со уште поголем интерес. Знаеме само некои општи работи што секојдневно се повторуваат низ чаршијата или пак се познати преку одредени дела. Постојат уште низа интересни приказни недоволно познати или кои уште се нераскажани, а кои се дел од богатата историја на градот. Ме израдува што мојата обемна книга посветена на културно-историските процеси во Прилеп во 19 век беше наградена со највисоката државна награда за наука ,,Гоце Делчев,,, доделена од Македонската академија на науките и уметностите во Собранието на Република Македонија во 2018 година.

Пред повеќе години ја објавивте книгата ,,Прилепчани 19 век,,, која предизвика широко внимание. Многу сограѓани и ден денес ја бараат, со надеж дека ќе најдат нешто интересно и за своите фамилијарни преходници.  Дали ,,Прилепчани 20 век,, наскоро ќе види ,,бело видело,,?

Една книга од енциклопедиски карактер не се пишува брзо. ,,Прилепчани 19 век,, е производ на соработката со Градската библиотека од која произлегоа неколку други изданија. Собирајќи податоци и истражувајќи автори и дејци од културата од 19 век, постојано наидував и на автори и личности од 20 век. Тие се архивирани, типологизирани и во голема мера подготвени за објавување. Се надевам дека во догледна иднина ќе бидат објавени во книга. Можно е и да се размислува и за еден општ енциклопедиски именик на прилепчани, без разлика на времето во кое живееле. Веќе сум при крајот со подготовката на книгата ,,Прилепската црковно-училишна општина,. Се надевам дека во скоро време ќе го види белото видело.

Која личност од овој период и од овој простор оставила најсилен впечаток?

Просторот околу Прилеп и Прилеп претставуваат извор на надарени луѓе. Тоа не е претерување и лажна самобендисаност. Од овие краишта потекнуваат луѓе кои силно ја задолжиле македонската историја во секој сегмент. Почнувајќи од средновековието и Григориј Акиндин, Никодим Тисмански, Волкашин и Марко, преку Ѓорче Петров и Пере Тошев, до Блаже Конески… Да не ги редам сите. Сепак, Марко Цепенков е македонскиот гениј во фолклорот и мене ми е особено драг.

Што се случува со историската наука на балканскиве простори? Се појавија многу историчари или луѓе што ја проучуваат историјата и кои со своите нови теории и ,,откритија,, ја превртија на глава целокупната историска наука, Познатиот српски историчар, Јован Деретиќ, тврди дека во далечното минато српската држава се протегала на поголемиот дел од Европа.Друг српски публицист, Драган Јовановиќ, нуди сознанија дека Исус е син на Александар Македонски и Клеопатра. И временски да се совпаднат овие личности, кажува дека постои кражба на времето, дека календарот е фалсификуван… Слични тези се пласираат и во Бугарија и во другите балкански држави. Популарниот теолог и публицист Шариќ од Риека заговара дека Словените се староседелци на Балканот и не се случила никаква преселба на народите. Скоро сите албанските научници повторуваат дека Албанците се потомци на Илирите. Што се случува? Постои ли ,,скриена,, историја што не ја знаеме или во историјата длабоко пенетрирала политиката, или пак, станува збор за ,,таблоидна историја,, и ,,таблоидни историчари,,?

Секоја држава има своја историја каква што ја запишала. Таблоидните историчари, како што ги нарековте, по природа се сензационалисти и нешто откриваат ,,ново,,. Политиката секогаш навлегувала и ќе навлегува во историската наука. Тоа е факт. Но, кога се знаат црвените линии, кога се знае идентитетската припадност, тогаш залудни се сите пропаганди.

Кој е вашиот став за тврдењето на бугарската историска наука дека Гоце Делчев е Бугарин? Имаат ли аргументи за ваквото тврдење?

Не би се заморувал со бугарските или со некои други тврдења за припадноста на поединци или на делови од македонската историја. Нема потреба за дијалог или полемики. Залудно е да се расправате. Тоа е како борба со ветерници. Туѓите претензии кон Македонија постоеле секогаш. Ова денес не е ништо ново.

Дали доволно направивме и што треба уште да направиме во одбрана на македонскиот идентитет, јазик, култура?

Имаме многу направено, но да не се залажуваме дека треба да престанеме да се бориме да ја истакнуваме нашата култура и самобитност ширум светот. Постојат повеќе Универзитети, постојат Институти за македонски јазик, литература, историја, фолклор, повеќе лекторати за македонски јазик во Европа. Потребна е работа, а не да се задоволуваме само со направеното. Од патувањата и предавањата како универзитетски професор во македонистичките центри во Њујорк (САД), Нитра (Словачка) и Риека и Загреб (Хрватска), велам дека постои интерес и своевидна наклонетост, да не кажам љубов, од страна на тамошната јавност и интелектуална средина. Мораме то да го користиме и да бидеме поактивни во придобивање на уште повеќе млади македонисти, како и во задржување и зачувување на сегашните наши пријатели во Словенија, Полска, Русија, Турција, итн.

Да поразговараме малку за втората (или првата) ваша преокупација – книжевноста. Што подготвувате на ова поле?

Лани од печат излезе мојата четврта збирка песни ,,Компјутерска поезија,,. Поради пандемијата, промоцијата беше одложена. Се подготвуваме за крајот на летото во Скопје. Се радувам што по подолго време ќе можам да се видам и да се подружам со мои пријатели и колеги со кои од одамна не сум се видел.

Улогата и значењето на македонскиот писател денес?

За жал, улогата и значењето на македонскиот писател денес е намалено до крајни граници. Минаа времињата кога луѓето гледаа на писателите со поинакви очи. Ги земам предвид еден Гане Тодоровски, Петре М. Андереевски, Конески, Анте Поповски… Се чини дека ем се зголеми квантитетот на писатели, ем се намали квалитетот на делата.

Друштвото на писателите на Македонија е најстарата и најафирмираната писателска асоцијација. Што í недостасува да ја врати улогата од пред повеќе децении? Се чувствува бележи стагнација и пасивност во нејзините редови и активности.

Има многу да се каже. Не знам дали би имале доволно простор само да ја начнам темата. Треба да се работи, покрај сите тешкотии со кои сите таму се соочуваат.

И, за крајот, има ли некој факт, настан, личност што сте ги откриле во истражувањата, а не сте ги споделиле со пошироката научна и општествена  јавност. Некој куриозитет можеби, поврзан со Прилеп?

Приказни за Прилеп има колку да сакаш, ако ништо друго, барем тоа градот го има. Во мојата приватна архива се наоѓаат голем број необјавени писма и разни записи на духовникот Методиј Кусевич, револуционерот Никола Каранџулов, копии од оригиналните Правилници за прилепските училишта на ќерката на Димитрија Миладинов, Царевна Миладинова – Алексиева, записи на маргините од старите книги во Трескавец и други места, различни оригинални фотографии и стари весници од 19 и првите години на 20 ве. Раскажани се весели и тажни приказни, кои некогаш, ако даде Бог, сигурно ќе бидат објавени. Овие архивски материјали кои се единствени по својата вредност, би сакал по извесно време да најдат место во посебен фонд како мој подарок на Прилепскиот архив.

,,Македонската жена е Јованка Орлеанка,,

Во научните трудови го третирате прашањето на македонската жена во минатото, притоа ја уривате традиционалната сликата што вообичаено ја имаме. Нешто повеќе за македонската жена во минатите векови.

Меѓудругото, интерес ми е истражувањето на македонското женско прашање во 19 век. Изучувам одредени аспекти од учеството на жената во приватниот, но и јавниот и општествен живот. Интересни се меѓучовечките односи во поголемите фамилијарни заедници од кои произлегуваат низа смешни, но и трагични ситуации, како и учеството на жените во образовните процеси и македонското револуционерно движење. Регистрирани се повеќе македонски револуционерки од Илинденскиот период, за кои посебно биле заинтересирани западните весници и пишувале статии. Македонките биле опишувани како храбри борци, честопати похрабри од мажите., За сите се пишувало со предзнакот ,,македонските Јованки Орлеанки,,.

Разговарал: Петар Петрески

Loading