СТО КНИГИ ЗА 365 ДЕНА

Пензионерката Лилјана Николоска чита во еден здив

DSC06642

Една од малкуте редовни, во сегашно време, читатели на Градската библиотека е 73 годишната пензионираната наставничка Лилјана Николоска. Внуките í носат, и í ги заменуваат книгите. Во зависност од времето на располагање, откако ќе ги заврши домашните работи, книги чита, такаречи, во еден здив. Како што вели најдраги и најмногу сака да ги чита романите, со многу страници. Времето по пензионирањето од 16 години го исполнува најмногу преку читање на секакви книги. Вели дека за убава литература, за позната книга или автор не се двоуми да ја дочита книгата, иако е веќе доцна ноќ.

-Читам од мали нозе, уште од времето кога библиотека за нас, децата имаше во тогашниот пензионерски дом. Оттогаш сум заробеник на книгата преку која може да се прошета да се појде на секој крај од светот. Се запознава светот на подруг начин. Тоа и сега го чинам. Помалку гледам ТВ, не ме интересира толку многу интернетот, иако и оттаму може да се научи сé во сегашно време. Во една година прочитав повеќе од сто книги. За мое потсетување, водам дневник на прочитаните книги со кратки забелешки за содржината и личностите. Не се соживувам со личностите. Често се случува во моите мисли, уште недочитана книгата, да го предвидам каков ќе биде епилогот, а и по авторот, како ќе заврши книгата. Со пензионирањето ми беше долг денот и почнав да читам многу книги. Не сакав да  седам пред ТВ и да гледам филмови, макар што, не велам дека сум се откажала од телевизијаата, мошне гледан медиум – вели Николоска.

Во дневникот на прочитани книги читаме под број 30 – ,,Ќерка на пустината,, од Таласт Али, под кратката содржина број 31 – ,,Ловци на среќата,, од  Харолд Робинс, па ,,Мајката на оризот,, од Рони Меника, а тука под број 40 е запишан и ,,Гневот на ангелите,, од Сидни Шелдон.

Според неа, омилено четиво í е романот ,,Масаи,, – книга за едно племе во Африка.

-Тоа е многу интересна книга. Ми остави силен впечаток – вели Николоска.

При прелистувањето на дневникот, под број 53 забележана е ,,Писмото на госпоѓа Вилма,, од Јелена Алимпиќ, а под број 83 ,,Сопругата на секретарот,, од  Сју Милер .

-Нема лоша книга. Секој автор се труди да напише што попривлечна за читателите. На младите им препорачувам да не се откажуваат од читањето. Има време за сé, и за интернет, и за ТВ, и за Фесбук и за Твитер. Најважно е да читаат и да не се заборават книгите, оти ја збогатуваат личноста и го развиваат интелектот  – објаснува Николоска.

Пред пензионирањето Николоска беше наставничка во основните училишта во градот и селата. Предавала македонски и српски јазик, а потоа и француски јазик. Можеби оттаму е и љубовта кон книгата воопшто.

Loading