СТАНУВАМЕ НА 5 АВГУСТ ВО 3 САБАЈЛЕ ДА ЈА ГЛЕДАМЕ ПУЛЕКСЕНИЈА

Puleksenija JovanoskaОлимпијада во Токио: Спортистката на Зенит за 2014 настапува в петок

За 2014 година спортистка на нашиов неделник Зенит ја избравме каратистката Пулексенија Јованоска, тогаш 21-годишна. Седум години подоцна нашиот избор добива оправдување во нејзиното учество на Олимпијадата во Токио. Прилепчанката настапува на 5 август во 3 часот наутро, но најголемите спортски љубители нема да легнат за да ја гледаат. Во дисциплината кати има силна конкуренција во Сандра Санчез (Шпанија), Кјоу Шимици (Јапонија), Вивиана Ботаро (Италија), Граце Лау (Хонг Конг), Дилара Бозан (Турција), Сакра Кокумаи (САД), Јасмин Јутнер (Германија), Александра Ферачи (Франција) и Александра Анакан (Нов Зеланд). За разлика од борбите, во катите судиите имаат голема улога низ гласањето.

За нас успех е и самото учество, за да се спомне името Македонија. Но, можно е и изненадување, како што го направи теквондистот Дејан Георгиевски, кој освои сребрен медал. Претходно настапите ги завршија: стрелецот Борјан Бранковски, пливачот Филип Деркоски и џудистката Арбреша Реџепи. Во средата настапи пливачката Миа Блажевска Еминова, в недела на ред е атлетичарот Јован Стојоски, а наредната сабота последен ќе се појави борачот Магомедгаџи Нуров.

Јованоска е петти спортист од Прилеп со учество на Олимпијада. Претходно настапија: стрелецот Дарко Насески (Атланта 1996), атлетичарките Даниела Кулеска (Сиднеј 2000) и Христина Ристеска (Лондон 2012) и џудистката Катерина Николоска (Рио де Жанеиро 2016).

Loading