ДОБРИНАТА Е НАЈГОЛЕМАТА ПОЛЗА ЗА ДУШИТЕ НА ПОКОЈНИТЕ

Значењето на задушницата

Vlatko

Во својата особена грижа за покојните, нашата Света Црква има издвоено посебен ден од неделата за нив – секоја сабота. Како што неделата е ден на Воскресението Господово, така и саботата е ден на покојните, ден во кој ги спомнуваме со особена љубов и духовно, преку молитвата и добрите дела во нивно име, општиме со нив. Впрочем, во секоја молитва, а особено во молитвите во сабота, верниот Христијанин ги спомнува своите покојни домашни, роднини, пријатели, но ги бара и молитвите на Црквата за нив.

Неколкупати во годината, Црквата има одредено саботи во кои прави посебен помен на покојните. Тоа се саботите задушници, од кои најпознати се: задушницата пред Месопусната недела и оваа денешната, пред Неделата на Светата Педесетница.

Денешната задушница, пак, ја возгласува нашата вера во сеопфатноста на Црквата, чие што востановување и роденден на земјата ги славиме на големиот празник Педесетница или Духовден. Црквата, значи, се состои од две собранија: едното, на оние кои сѐ уште се борат против злото во овој свет и, пред сé, против злото во себе си (против егоизмот, гревот, страстите) и второто, на оние кои што веќе торжествуваат на Небесата.

Причината заради која Црквата наша православна им ја посветува секоја сабота на покојните е следнава: бидејќи многумина умреле многу млади, или во туѓина, или во море, или во горите, или во пустини, или од глад и напуштеност, па немало можност да бидат погребани според пропишаните правила,  ,,Божествените отци, водени од човекољубието,  ги воспоставиле овие спомени за сите од век и благочестиво упокоени Христијани,,. Истовремено, сеќавајќи се на смртта ,,и ние се придвижуваме кон покајание,,.

Bludec

Согласно прекрасното светоотечко сведоштво, кое со векови, непрекинато се чува во црковното предание, молитвите за покојните биле востановени од самите Апостоли. Ваквото востановување има два основни темели: прво, смислата на Црквата, како заедница на светии, која се состои не само од живите, туку и од покојните Христијани, и второ, верата во посмртниот живот, воскресението и последниот суд.

Веќе во Апостолските учења се наоѓа разликување на спомените за покојните во: ,,три дена,,, ,,девет дена,,, ,,четириесет дена,, и ,,година,, од денот на упокојувањето. Овие денови на особен спомен имаат повеќе симболичко значење, но најглавно е следново: трите дена го симболизираат Воскресението на Господа по Неговото тридневно пребивање во гробот и се состојат од молитви да воскресне и мртвиот во Царството Небесно. Деветте дена ги означуваат деветте нематеријални, ангелски чинови, и тогаш се прави молитва и нематеријалната душа на покојникот да се најде среде нив.  Четириесеттиот ден од упокојувањето упатува на Вознесението на Господа, што се случило 40 дена по Неговото Воскресение, со молитва да се вознесе и мртвиот, да застане со Христа на Небесата и да живее со Него засекогаш. И конечно, годишнината претставува славење на роденденот на покојникот, бидејќи за првите Христијани вистински ден на раѓање се сметал денот на телесната смрт и преселувањето во животот вечен.

Vlatko Risteski

Најголема полза за душите на покојните има правењето добро и давањето милосрдие на сиромашните за нивен покој, како и нивното споменување на Светата Литургија, затоа што тогаш, со честичките издвоени за нив на светиот дискос, кои потоа се ставаат во светиот путир, т.е. во крвта Господова, ,,невидливо се соединуваат со Бога и општат со Него, се утешуваат, се спасуваат и се радуваат во Христа,, (Свети Симеон Солунски).

Народно верување

ПОРЦЕЛАНСКИ, НАМЕСТО ЗЕМЈЕНИ САДОВИ

Задушница е денот кога според народното верување, душата на покојните претци доаѓа од оној свет, кај своите блиски барајќи вода, храна, поради што се раздаваат за спомен и грнчарски производи, а во поново време земјените садови се заменуваат со порцелан.

протоереј Влатко Ристески

Loading