ТИТУЛА ЗА 25-ТИОТ РОДЕНДЕН

Пинг-понг

PPK Mladost 96

Екипата Младост 96 е новиот пингпонгарски шампион на Македонија, откако во финалето од плеј-офот на Супер лигата со 2:0 во мечеви го совлада Младост. Вториот меч заврши со убедливи 4:1. За Младост единствената партија ја доби Теодор Кировски, а за Младост 96 две доби Стефан Костадиновиќ, по една Петар Костовски и Кристијан Станојковски. Заслужни се уште: Раиф Руштемовски, Александар Рикалоски, Андреј Лашкоски, тренерот Гоце Тошески, претседателот Марјан Матракоски и потпретседателот Златко Рикалоски. До титулата стигнаа без пораз, со 20 победи. Во вистински момент, кога клубот слави 25-ти роденден. 

– Совладавме тим во кој е Јочкоски, еден од најдобрите пингпогари со кого имам 10 финалиња на државните првенства. Задоволен сум, бидејќи играм и во Србија, каде влеговме во Прва лига. Прилеп е супер град, има доста спортисти и многу љубители на пингпонгот. Но, уште не се знае дали останувам во Младост 96 – рече десеткратниот шампион Кристијан Станојковски.

Младост загуби, но има и задоволство. Сезоната за трикратниот шампион е успешна, затоа што и без вложување во странци, засилувања, постигнат беше не само влез во плеј-офот, ами и во финалето. Подмладениот и некомплетен состав го даде максимумот. 

– Финалето го одигравме релаксирано, дури и премногу. Ни недостигаше борба и жар. Противникот е заслужено шампион. Има најсилен состав. За в година ќе видиме – изјави Ѓоко Јочкоски.

И двата клуба прославија – шампинот во пингпонгарската сала, вицешампионот в кафеана.

Loading