КОЈ И ДА ПОБЕДИ – ПЕХАРОТ ОСТАНУВА ВО ПРИЛЕП

Пинг-понг: Меч за титулата, Младост 96 – Младост

-Иако првите се фаворити, вторите не веат бело знаме

PING-PONG

Никој, ниту меѓу највозрасните прилепчани, не се сеќава на настан во кој две прилепски спортски екипи воделе битка за титулата шампион. Првпат во историјата, тоа ќе се случи в недела во салата од ОУ ,,Добре Јованоски,,. За првото место во Македонија ќе решава пингпонгарскиот дуел меѓу Младост 96 – Младост. За жал, без присуство на публика ќе се одвива финалниот меч од плеј-офот. Младост 96 има предност од 1:0, стекната со двете победи во основниот дел од Супер лигата.

– Очекував финале со локалниот ривал. И се оствари. Клубот инвестираше сезонава, особено во двете засилувања, Србинот Стефан Костадиновиќ и македонскиот шампион Кристијан Станојковски. Целта е првата наша титула. Поради максималниот ефект од 18 победи во основниот дел, сме благи фаворити. Но, во финалето нема фаворит. Сé зависи од денот, моменталната инспирација. Во Голема е кај нас мотивацијата. Ќе биде вобудливо – вели Златко Рикалоски, член на УО на ППК Младост 96.

Ако победи Младост 96, првенството завршува, и титулата е за овој клуб. Ако мечот го добие Младост, резултатот ќе биде израмнет на 1:1, и ќе се игра дополнителен меч. Може ли аутсајдерот да изненади? Лани Младост беше прв на табелата и со непречен пат до титулата. Но, не се прогласи шампион поради прекинот на првенството. Така, немаше четврта титула, по трите во 2008/09, 2009/10 и 2011/12. Сега на патот кон трофејот му стои голема пречка, екипа што цела година никој не успеал да ја совлада.

– Цел ни беше плеј-офот, да бидеме меѓу четирите најдобри. Влеговме во финалето и планот веќе е натфрлен. Располагаме со скромни средства, можеби десеттина во споредба со конкурентите. Имаме и здравствени проблеми во клубот. Не сме комплетни. Не сме оптоварени, немаме императив и многу сме релаксирани на исходот. Но, не се предаваме, не истакнуваме бело знаме – порачува Ѓоко Јочкоски, пингпонгар на Младост.

На последните, решавачки мечеви, Младост 96-Телеком 4:1, Младост-Шампион ФА 4:3. Младост 96 одигра со Стефан Костадиновиќ, Петар Костовски, Кристијан Станојковски, Раиф Рустемовски, Александар Рикалоски, Андреј Лашкоски со тренерот Гоце Тошески. Екипата Младост настапува со Ѓоко Јочкоски, Александар Штаргоски, Теодор Кироски, Теодор Волканоски со тренерот Зоран Јованоски.

Loading