ВАКЦИНА ЗА ИЛЈАДА ПРИЛЕПЧАНИ ДНЕВНО

Од 25 мај вакцинален пункт во Мединското училиште

CIMG3244

По празникот Свети Кирил и Методиј, прилепчани нема веќе да одат во Битола на вакцинирање од Ковид 19, туку доброволната имунизација ќе се врши во фискултурната сала на Медициското училиште. Ова го потврди директорот на болницата Кети Смилеска. Таа очекува подготовката на пунктот да заврши до 24 мај, а на 25 да бидат вакцинирани првите прилепчани според листата на пријавените граѓани на страницата ВАКЦИНАЦИЈ.МК или според пријавите на матичните лекари. Се очекува пунктот да има 15 вакцинални места со екипи и во две смени од 8 до 20 часот да се вакцинираат околу 1000 лица дневно.

Дознаваме дека компаниите ќе можат преку Стопанската комора да ги пријавуваат работниците за имунизација.

Техничката опрема, паравани, засолнет простор, соодветен за вакцинација, треба да ја обезбеди локалната самоупарава, а болницата ќе го даде придонесот со медицински персонал и заштитини средства.

 За редот ќе се грижат волонтери на Црвениот крст и припадници на Армијата.

Прилепчани побрзо можат да дојдат до ПЦР тест, оти во Центарот за јавно здравје е ставена во употреба опремата за молекуларната лабораторија која врши тестирање од Ковид 19. Досега примероците од носот и устата се носеа во Битола и Скопје.

Инаку, последниве недели папсува корона вирусот во градов. Се евидентираат сé помалку заразени или починати лица. Веќе се затворени повеќето ковид оддели во болницата кои беа адаптирани да ги прифатат и да им понудат медицински третман и терапија на заболените.

Во Прилеп досега се регистрирани 8249 заболени, а моментно се активни 379. На болнички третман се 32 лица. Како последица на корона вирусот, починале 412 сограѓани.

Полициски само ноќе

Со падот на бројот на заразените, Владата го редуцира траењето на полицискиот час и го зголеми работно време на угостителските објекти. Веќе можат да работат и фитнес клубовите и културните институции под посебен режим. Полицискиот час ќе трае од полноќ до 4 часот на утро, а кафетериите, рестораните и другите угостителски објекти ќе можат да прогласат фајронт во 23,30 часот.

Loading