
Прва награда за оригиналност освои делото на нашиот уметник Атанас Атанасоски на Остен биеналето Скопје меѓу 260 уметници од 44 земји со 819 дела. Во силната конкуренција Атанасоски се закити со наградата за делото ,,Просторни фасцинации 20,,. Според Ана Франговска, делото на Атанасоски според светогледот и визуелно-техничките специфики навлегува во областа на еколошката уметност, чија актуелност е мошне рецентна.
-Тој воодушевува со просторната и идејна комплексност, конзумеристичка непретенциозност, на еден пророчки начин говори за враќање кон природата, кон нејзините извори и сокови, а секако кон космогонијата, религијата – верата, трансцеденталноста, метафизиката… Уметничкиот пристап му е инспириран од корелациите и тензиите меѓу природата и културата, внатрешниот и надворешниот свет, микрокосмосот и макрокосмосот. Делата ја осветлуваат универзалната геометрија во природата – вели Франгоска.
Атанасоски има специфичен уметнички ракопис. Создава автентични дела и инсталации со кои побудува љубопитност. Инспирација му е природата, восхитот на пејзажот што не опкружува, многубројните варијанти на изобилната трновита вегетација. Користи обновливи материјали од природата, афирмирајќи ја еколошката свест за употреба на природни материјали во секојдневниот живот, па и можноста за создавање на уметност.
![]()

