ПАНДЕМИЈАТА ДА ЈА ИСКОРИСТИМЕ ЗА СТРУКТУРНИ РЕФОРМИ

Марјан Петрески, универзитетски професор

156372952 466651324466983 8027723367973317373 n

Една година од пандемијата, бизнис секторот со државната поддршка, релативно добро стои и покажа жилавост, освен услужните дејности. Колку може да изджи ваков економски амбиент кревката македонска економија?

Пандемијата со Ковид-19 беше шок и на страната на понудата и на страната на побарувачката, велиме ние економистите. Кај понудата, беа прекинати или забавени синџирите на снабдување, ефект кој некои наши компании го почувствуваа уште во периодот преда да дојде вирусот во Македонија, а кога Кина ги воведе првите големи рестрикции на почетокот на 2020. Кај побарувачката, ограниченото движење и воздржаноста на населението од потрошувачка, посебно на неесенцијални добра, придонесоа да се намали производството на стоки и услуги. Светот првпат се соочи со ваква ситуација. Таа беше ново, во смисла каков одговор е потребен од економските власти, особено поради тоа што во голема мера затварањата беа наметнати за да се превенира ширењето на вирусот. На глобално ниво, брзо се постигна консензус дека одговорот на владите мора да биде преку итно и обемно вбризгување ликвидност во економијата за да се задржат работните места и доходот на населението. Во најголем дел од земјите тоа е направено по цена на зголемување на јавниот долг. Владите мораше да позајмуваат за да го алиментираат огромното трошење во замена за оневозможениот пазар. И нашата влада делуваше во истата насока. Клучната мерка, субвенција од 14.500 денари по работник за погодените фирми, беше најважната од пакетите за помош за економијата и граѓаните. Вбризгани се (вклучително и тековниот бран од помошта) околу 180 милиони евра, што е околу половина од помошта на сите антиковид мерки. За фирмите важни беа и пакетите кредити по поволни услови дистрибуирани преку Банката за развој, а за населението еднократната парична помош исплатена во два наврати. Севкупно, тоа ја спаси економијата. Се проценува дека во третиот квартал регистрираниот пад од 3.3 отсто на БДП е двојно помал поради помошта. Во меѓувреме, јавниот долг порасна за скоро 10 процентни поени. Но, нема дилема дека, ако не постоеја овие мерки, тогаш ќе се соочевме со многу невработени и банкроти на фирми. Тоа не нé апстинира од потребата да правиме план и да дискутираме за неопходната фискална консолидација по завршувањето на кризата. Според некои истражувања, клучната мерка за задржување на работните места спасила околу 60 илјади работни места од 75 илјади кои биле на раб да бидат загубени. Интересен е и податокот дека доходот на населението во периодот на кризата, во просек се зголемил за околу 9 отсто. На прв поглед изгледа чудно, меѓутоа се должи на арсеналот од мерки за зачувување на животниот стандард.

Велат дека последиците од пандеимијата ќе се почувствуваат по секнувањето на државната поддршка на стопанството. После?

Главната грижа е што пандемијата веројатно ќе трае подолго од иницијалните проекции. Во моментов, дебатираме за вакцините, но гледаме дека, на пример Србија, која значајно напредува со процесот на вакцинирање, се соочува со пораст на заболените. И откога ќе започне вакцинирањето, ќе мине време додека состојбата се стави под целосна контрола и додека се тргнат сите ограничувања на движењата и на економската активност. Реално треба да признаеме дека ние, и како граѓани и како фирми, во значајна мера, научивме и како да се однесуваме во пандемијата. Тоа е голема помош за економската активност. Но, немам дилема дека доколку пандемијата значјно се оддолжи, тогаш важноста на државната помош ќе биде и понатаму голема. Главниот проблем е што ние искористивме голем дел од фискалниот простор досега. Секое понатамошно барање за нова државна помош на фирмите и граѓаните ќе биде сé потешко за менаџирање. Затоа е важно процесот на имунизација да биде што побрз и поефективен. При пандемијата, клучно е државната поддршка да се фокусира на поттикнување на развојот, а да се минимизира социјалната компонента. Дел такви мерки беа најавени во петтиот пакет, како што е поддршка на извозници, кредитните државни гаранции, поволните кредити. Тие треба да овозможат побрз раст на фирмите, со цел, по пандемијата, тие побрзо да се вратат на старата патека на раст, па дури и да ја надминат. Помошта има и висок мултипликатор, бидејќи преку генерираните работни места и производство, се враќа во државната каса преку зголемени даночни приходи. Главниот предизвик за владата е овие мерки ефикасно да ги реализира.

156409237 2768274653414532 1406084602202356125 n

Секое искушение е поука и предизвик? Дали се можни некои структурни промени во условина уште не ослабена пандемија и во отсуство на имунизација?

Најпаметниот пристап е ако пандемијата ја искористиме за структурни промени, особено имајќи предвид дека таа може некои од нив да ги стави на брзата лента. Да дадам неколку илустрации. Образованието направи драстична промена од традиционална испорака на учењето во училници кон учење од далечина. Во нормални услови ќе речевме дека се неможни такви промени во кратко време. Не значи ова дека онлајн образованието нема свои проблеми, или дека ефективноста на онлајн е иста како во училница. Меѓутоа, имајќи ги предвид околностите, учењето на далечина се покажа како солидна алтернатива. По пандемијата, секако дека учењето ќе се врати во училница, меѓутоа некои придобивки сигурно ќе се задржат и ќе инспирираат структурна промена. Вториот пример е пазарот на труд. Се покажа дека одредени професии може да ја извршуваат работата преку теле-работење или работа од дома. Кај некои од нив, дури се покажа и поголема продуктивност. Проблемот е што во Македонија околу 23 отсто од работниците можеле да се префрлат на телеработа, а во западноевропските земји овој процент стигнува и до 50 отсто. Дел од овие работници ќе остане да ползуваат некои од придобивките од теле-работењето и по пандемијата. За носителите на политиките е важно таквите опции да бидат законски овозможени и поддржани. За економијата во целина, значајно е да креира работни места кај кои физичкото присуство или фиксното работење од едно место не игра повеќе улога. Пандемијата ќе ја забрза трансформацијата. Трет е примерот со јавните инвестиции. Тие се битни од два аспекта во контекст на пандемијата. Прво, се покажа клучно инвестирањето во образованието, здравјето, јавните и социјалните услуги за да се зголеми отпорноста на системот на шокови од типот на Ковид-19. Иако нашиот здравствен систем релативно добро се справува со пандемијата, отпорноста ќе беше уште поголема ако во претходните три децении имавме поголем фокус врз создавање и задржување во земјата на лекарите. Вториот аспект е што јавните инвестиции по пандемијата може да бидат еден од моторите на растот. Со оглед на ограничените финансии, ќе мора да бидеме селективни и паметни, односно да инвестираме во проекти кои ќе донесат најголем поврат кон државата и општеството.

Како стои буџетот и алиментацијата на државните потреби?

Состојбата со државните финансии е стабилна. Во периодот по првиот удар на пандемијата во март 2020, државата обезбеди околу 1 милјарда евра, од кои 700 милиони по основ на еврообврзницата од мај 2020, а остатокот од концесионалните кредитори и од домашниот финансиски пазар. Средствата не беа целосно потрошени во 2020. Со дел од нив, и во овој период, се покриваат дел од потребите за финансирање. Во јуни годинава, државата ќе треба да ја врати стара еврообврзница од околу 500 милиони, што ќе наметне потреба од ново задолжување. Претпоставувам преку издавање нова еврообврзница. Во моментов, глобалниот пазар е високоликвиден и во смисла на трошокот на задолжување, условите се поволни. Неопходно е да се размислува за фискална консолидација, која во 2021 се случи преку преполовување на планираниот буџетски дефицит, меѓутоа по пандемијата ќе биде неопходно понатамошно консолидирање. Тоа не значи дека државата ќе треба да ги затегне сите ремени, но дека ќе мора да се фокусира на паметно трошење.

Ќе бидат ли нужни корекции во фискалната политика, се разбира нагоре и со непопуларни мерки?

По завршувањето на пандемијата, секако да. Нема дилеми. Мојот личен став е дека затегнувањата не треба да бидат нагли. Треба да бидат комбинација од повеќе мерки. Првенствено, консолидацијата треба да продолжи во насока на елиминација на секаков вид непродуктивни трошења во државниот буџет. Второ, и покрај тоа што е бавен процес, структурата на трошењата мора да се подобрува, во смисла на поголема алокација на државните средства кон проекти кои носат поголема додадена вредност за економијата на долг рок. Трето, фокусот врз намалување на сивата економија мора да биде силен. Тоа ќе ја прошири даночната база и со исти даночни стапки државата ќе прибере повеќе средства. Четврто, но не и најмалку важно, ќе мора да го отвориме повторно прашањето за даночната политика, односно да разговараме за евентуални нагорни корекции кај некои даноци. Сето ова мора да биде постепено и во широк консултативен процес.

Дали ќе биде потребно да се оттуѓува дел од државната сопстеност, природните богатства и ресурси, земјоделско земјиште, капитални индустриски енергетски и транспортни објекти…

Немам прецизен увид што е преостанато, а што може да се отуѓи односно се продаде од страна на државата. Ако е непотребно или неефикасно, тогаш апсолутно поддржувам приватизација. Мора да се гледа и другата страна дека некој ќе сака нештото да го купи по разумна цена. Знам дека овде алудирате на две претпријатија во државна сопственост во Прилеп – Еурокомпозит и Тутунскиот комбинат. Во таа смисла, моите очекувања се многу ниски. Ако за Еурокомпозит можел да се најде модел за разумна приватизација, тоа ќе било сторено досега. Кај Тутунскиот комбинат, состојбата е подобра, бидејќи со стратешкиот договор со Филип Морис беше обезбедена стабилизација и консолидација. Не ги знам прецизно одредбите од тој договор, меѓутоа изгледа логично дека евентуално отуѓување на делот од државата кој е доминантен, нема да биде лесно и од перспектива на постоењето на тој договор. Оттука, мислам дека е многу лесно ако дискутираме во некој слободен стил дали, што и како во државна сопственост треба да се продаде. Меѓутоа, во реалноста тоа не оди толку лесно.  

НБРСМ им забрани на банките да делат дивиденда за 2020 година. Зошто?

Оваа одлука ја гледам во линија на претпазливост, односно да се јакне капиталната база на банките во услови на пандемија. Тоа не значи дека добивката ќе ја земе некој друг, туку само пролонгирање на периодот во кој акционерите ќе може да ја добијат својата заработка. Оттука, одлуката е само од превентивен карактер и не треба да се толкува никако поинаку.

Д-р Марјан Петрески (1982) е редовен професор по економија на Универзитетот Американ колеџ во Скопје. Родум е од Прилеп. Тој е доктор на економски науки од Универзитетот Стафордшир, Велика Британија, и пост-доктор од Универзитетот Мичиген, САД. Од неодамна е предложен за член на Советот на Народната банка на РСМ. Неговата експертиза е во областа на монетарната политика и пазарот на труд во транзициските економии. Има објавено над 100 научни трудови, од кои 33 во списанија со импакт фактор на Веб оф сајанс.

Loading