БИТОЛЧАНИТЕ СЕ ЧИСТИ – ПРИЛЕПЧАНИТЕ ВРЕДНИ

Живот: Кире Зулумовски, ,,натурализиран,, прилепчанец

-Сум садел тутун и ја знам овдешната мака

1

Можеме да го видиме секој ден, кај клупите под Саат или на Плочникот. Го паркира велосипедот, и седнува на некоја клупа. Тој е битолчанецот Кире Зулумовски, 71-годишен пензионер. Пријатен и комуникативен. Расположен, иако има тежина во душата. Пет години е ,,натурализиран,, прилепчанец.

– Судбина. До пензија работев во фабрика за лимена амбалажа. Поради семејни недоразбирања, ја напуштив Битола во 2016 година. Го одбрав Прилеп. Во Домот за стари изнемоштени лица живеев четири ипол години. Таму за јадење и спиење, а останатото излегувам низ град. Здодевно е на едно место. Така до пред седум-осум месеци. Донесов одлука да не се излегува повеќе надвор. Трпев неколку месеци, но не се издржува. Решив да го напуштам домот и да се преселам во куќа под кирија – раскажува Зулумовски.

Битолчанецот ги споредува битолчаните со прилепчаните. Забелешка за Прилеп е нехигиената.

2

 – На секои пет метра каде да мрднеш -фрлена  маска на земја. Тоа е надвор од умот, срамота! Народов толку ли е невоспитан? Му паѓа маската и не ја крева да ја фрли в корпа. Дури и центаров врие од илјадници маски на земја секој ден. Во Битола тешко да се најдат една, две или три маски максимум. Друг е народот. Таму гледам друга слика – ја кажува разликата битолчанецот.

Се нервира и се лутина и од глетката по клупите. Забележувал оставени хартии, остатоци од јадење, најлони, пластични чаши на клупите. Некој јадел и заминал, оставајќи го ѓубрето на клупата. Грда слика, нечистотија. Канта има на два метра. Зарем го мрзи да стане, да го фрли тоа што останало в канта?

-Некогаш отпадоци се фрлаат во бетонскиот отвор до клупата, кој не е за ѓубре, ами само за отпушоци од цигари. Ваква лоша навика нема во Битола. Таму, ако некој остави ѓубре на клупата, наидува на критика и потсмев. Му велеле оти не е токму со умот – тврди нашиот соговорник.

Кај споменикот од Крали Марко, млади се каужваат на клупите. Седат горе и со нозете газат на местото за седење. Валкаат. Сé е валкано и не се седнува. Да им речеш, ќе се развие кавга. Треба да се тепаш. И ова го нема во Битола – смета Кире.

Според Зулумовски, најголем проблем се кражбите, дали од сиромаштија, немаштија, или лоша навика на некои прилепчани. Овде куќата мора секогаш да е  под клуч, нон-стоп, и ноќе и дење.

-Во куќата под кирија, семејството има мали деца. Купиле велосипедче, некој влегол во претсобјето и го зел сред бел ден. Вратата била отворена кој да очекува арамија на пладне? Тоа ме плаши – крадењето. Крај големиве маркети, треба велосипедот да се заклучи со катанец, отиќе го снема. Во Битола слободно се остава, без гајле – гарантира тој.

3

Покрај аномалиите има ли убавини, или како битолчанец, по традиција, е критичен кон Прилеп и ги гледа недостатоците. Има ли нешто што му се допаѓа?

-Како не. Има многу добри луѓе. Прилепчанитесе работливи, вредни и измачени. Во родното село Српци работев тутун седум години.  Ја знам овдешната мака. Корен по корен, лист по лист, милиони, безброј. Прилеп е многу убав. Објекти, паркови, улици, центар, чаршија… Сум шетал низ Типската населба, до старата и новата автобуска. Сум бил и до манастирот Трескавец. Сум ги видел знаменитостите. Бев на концерт на пијанисти на отворено пред ,,Цепенков,,.. Има културни настани.  Сега Прилеп е посреден од Битола – признава Кире Зулумовски.

Не сака рано да оди дома да гледа црни вести на ТВ. Осаменоста, за него, е најопасното нешто. Му треба разговор излегува секој ден до мрак во држуба со прилепчани. Разменува информации, мислења, се смее со некого, кога ги кажува споредбите меѓу прилепчани и битолчани… Разговорот е најдобриот лек за душата.

4

Реката да е канал

– Реката е несредена, нечиста. Пливаат гласотии. Неубава глетка. Подобро е да се претвори во канал. Ако се најдат ЕУ пари, да се реконструира. Може целиот тек да се сведе во голема цевки, канал. А над него асфалтиран дел, долг и широк, корисен за паркинг или друга намена – предлага Зулумовски.

Верувам дека има пандемија

Еден печалбар, за полесно да ги убеди сограѓаниве, пренесува како Запад манипулирал. Насловот на производот никогаш не го оправдувал тоа што е внатре. Се вика ,,сок од јаболко,, – сé има внатре, само јаболко нема. Се вика ,,чај од лимон,,- сé има внатре, само лимон нема. Се вика ,,лек од нане,, – се има внатре, само нане нема. Така со пандемијава – сé има, маски, затворања, респиратори, наредби, казни, вакцини – само пандемија нема.

-Верувам дека пандемијава е страшна. Сее смрт на планетава. Невидено чудо. Чарето е во вакцината, з ада се спасиме и да не умираат премногу. Така ќе се излезе од кризава. До крајов на годинава да исчезне болеста. Се пријавив за вакцинирање кај матичната. Ми рече: прво да пуштеле вакцини за лекариве, потоа за обичниве луѓе.

Loading