СААТОТ ВИКА „АХ“ ЗА ВРЕМЕТО

Симболизира машкост, исправеност, простум, инает и непокорност

IMG 0177

За прилепчани, Саат-кулата е култ, вечност, курназлак, факманлак и кападаилак. Тој е сведоштво за богата духовна средина. Нивниот табиет да се препознаваат меѓу себе по прекарите не ја одмина ниту градската Саат-кула во срцето на градот, во Старата чаршија. Според кажувањата на старите еснафи, и 163-годишниот саат имал свој прекар. Чаршијата го крстила прчикур, оти бил висок 38 метри. Мајтапот стигнал и до саатот, оти тој симболизирал машкост, исправеност, простум, инает и непокорност. Веќе десетина години е спречено накрувувањето. Сепак Кулата уште ичио на кулата во Пиза. Можеби за тоа причина е возраста. За неколку години е постара од лондонскиот Биг Бен.

Прилепчани ја приспособиле и поговорката “Кај да си за Божик, дома да си”, во ново издание “Кај да си, од саатот подалеку да не си”. Тие што оделе подалеку и не го гледале ги викале шетани луѓе.

Сепак прилепачани жалат по традицијата. Градскиот саат сега електронски го мери времето, по напорите на сатчиите да ја оспособат мешинеријат, да го отстраната дефектот и мандалото да ја удира камбаната. Механизмот, носен дури со брод од Виена преку Дунав до Белград, а оттами со арабаџиски коли, е изарчен од броење. Папса и не отчукува автентично. Се слуша камбана од звучниците, поставени на саат кулата кои го мерат време со отчукување, дури и на половина час со еден удар. По сефтето во 1858 година, повеќе дреари, леари, други мајстори од Тутунскиот комбинат се обидоа да го сметнат механизмот и да ги заменат изабените делови со нови. Не испејаа.

DSC 2713Последниве години се уреди околината и во нов амбиент чаршијата се враќа на духот на мајтапот на своите претци кои се гордост и со мака го граделе повисок од Чарши-џамијата на неколку чекори од саатот. Идејата за градбата на камената саат-кула била на прилепчаните Коста Лауц и Ристе Тасламиче, кои со шест тајфи мајстори ставале шест метри темели, потурајќи ги гранитните кукулски камења со врела вар. Легендата вели дека секој прилепчанец требало да даде најмалку по едно живо јајце, кое се вградувало во темелот на шестоаголникот за да биде цврст како варовник. На првото отчукување присуствувал и битолскиот валија. Тој се изненадил од височина поголема од џамијата и сакал да го скастри. Но, се засрамил и стравувал од реакциите на дел од присутните западни конзули. Една приказна вели дека Саатот отчукува “ах”, оти една прилепчанка на мандалото ги ставила писмата од својот сопруг, кој не се вратил од печалбата во Влашко. Во друго предание се раскажува дека во стрелките на саатот живеат духовите на Глигур Поснасарма и Суле Дервишот, кои биле прилепски хроничари и го бележеле времето. Стари раскажуваат дека саатот бил место на спокојство. Возрасните ги терале намуртените да завртат три круга околу да им помини уѕурот.

Градскиот саат повеќе години се накривува на југоисточната страна. Мерењата покажуваат дека кулата отстапува од вертикалата 114 сантиметри. Но извршена е градежна интервенција и е запрено накривувањето, со што е спасен овој историски споменик да појде во неврат наследството, кое не е само на прилепчани.

Прилепчани се идентификуваат со саатот. Но, тој не само што е градски амблем, покрај тутунот, мермерот и Марковите кули, во него свое гнездо прават илјадници градски гулаби.

Loading