ИЗДАВАЧИ

Белешка

Пред да зафати студениов бран, убавото  сончево време  измами повеќе пензионери да излезат од домовите да се прошетаат по парковите. Најмногу ги имаше на плоштадот, наспроти Крали Марко на коњот. Така се најдовме со Симон. Пред да се пензионира тој беше касап. Затоа и прекарот му беше касапот. Се познаваме од поодамна. Кога ме виде, веднаш ми се здаде.

-А, бе кај си? Те нема? Се уплаши и ти како мене од оваа, “чумава”, а?

Успеав да му одговорам пред да продолжи да прашува, односно да кажува.

-Тука сум, ама и тебе те нема? – му велам.

-Кај ќе ме има, не ме пушта ,,домашната полиција,,. Не сум зафатен, да е скраја од секого. Ме чуваат дома и не ме пуштаат да не ме потисни коронава. Сега им избегав, откинав ко пес врзан. Не ме видоа и еве ме насреде, на мегдан да се видам со пријателите.

Така лаф-муабет, со сите “нишани”, маски и растојание, почнавме да се надвикуваме. Оти Симон е во осумката и некоја година, а јас во седумката и фазла. Непара дослушуваме. Завлеговме во уличињата од Старата чаршија. Одеднаш, Симон, подвикна:

-Гледај, ми рече, покажувајќи со раката кон еден излог од еден дуќан. Еве, “се издава,,. Ќе видиш колку вакви ,,реклами,, има низ чаршијава. А треба да се сеќаваш, како беше некогаш? Вриеше од народ низ сокачињава. Сите дуќани работеа, занаетчиите не можеа да стасаат да се напијат кафе. Сега, на секое ќоше седат чупиња, собрани во купче и пијат кафе. Нема чаршија, нема занаети, нема занаетчии… Сите се препродавачи и сите се ,,издавачи,, на дуќаните. На кого, кој ќе ги отвори? Откако се затвори секој пристап до чаршијата, таа ,,занеме,,. Остана ,,пуста,,. А, како беше порано?  – праша и како да чекаше одговор.

Не го доби одговорот и продолжи без да запри. Само слушав.

-Кога го учев занаетот, на 16-17 години, мајсторот во пазарен ден, посебно пред Сведен, парите дома ги носеше во зумбул. Се знаеше што е касапница. Пред дуќанот на зимското сонце, во мангалот се разгоруваше ќумурот, а после во книга, натопена со вода се печеа колбасите. Цела чаршија мирисаше мискоња. Не како сега. Тогаш, друго мирисаше месото, оти со друго се ранеше стоката. Се знаеше како и со што се паси и храни. Сега и во касапниците се носи месо со фрижидери. Касапиве сегашни се повеќе препродавачи. Не дека не знаат да заколат теле, јунец или вол, прасе, да речеме, јагне!. Нема стока, нема ниту говеда, ниту булуци овци… А, кога ќе ме натераа да исчистам пресно шкембе, да скршам со тилот од саторот говедска потколеница, да излези сржта кога ќе врие со шкембето во грнето во фурната. Тоа ја прави шкембе чорбата посебна. Сега во рестораните или за дома, се купува и се вари замрзнато шкембе. Нема ништо природно. Сé е некако вештачко. И оваа што нé потисна, сите велат дека е вештачка. Кој да му знае? – рече без да забележиме дека пак се вративме кај коњот каде што се сретнавме.

Цела чаршија е излепена со ,,реклами,, на ,,издавачи,, на дуќани. Го нема она што ја правеше  чаршијата, чаршија, градот – град. А, со тоа и луѓето – луѓе!

К.Р.

Loading