СИНТЕЗА НА ОБЕМНАТА ГРАДБА ОД ФОЛКЛОРНАТА ТРАДИЦИЈА

Нова книга на Атанас Тасевски

Korica nov kniga Atanas  Tasevski

-По констатацијата дека поговорките се многуприсутни во творештвото на Петре М. Андреевски, Тасевски посебно ги апострофира поговорките од романите ,,Последните селани,, и ,,Пиреј,,

Колегата во пензија Атанас Тасевски ја објави книгата ,,Фолклорната традиција (и модерното) во прозата на Петре М. Андреевски,,. Петре Димовски вели дека ова дело Тасевски го посветува на фолклорот и традицијата на нашиот народ. Тој ги доближува до читателот основните фолклорни елементи  и го прикажува М. Андреевски како еден од современите автори, инспириран од фолклорот и традицијата.

-Со извонредна композиција и низ една силно умешна синхронизација, Тасевски врши синтеза на различните искази, мислења, опфати и нотирања за народното творештво и складниот, времетраенски тек на преодот од народното творештво кон уметничката литература, процес кој зафатил низ 19 век и наваму продолжително не завршува, зашто народното творештво е вградено во огатата ризница на македонската култура и станува неисцрпен извор за новото индивидуално, модерно творештво. Со мноштво цитати од проследувачите на фолклорната традиција во народното творештво низ сите генерации, ја обликува оваа извонредно богата и содржајна студија во слевањето и преминот од општото кон конкретното – пишува Димовски.

Како настанал спојот меѓу Андреевски и творештвото создавано и презентирано меѓу народот? Нивниот автор како вешт градител, откривал дека монументалната градба не може да опстои низ времето ако гранитните блокови од големите настани не се поддржани во својата стабилност од ситните фолклорни елементи, како поговорките, клетвите, пцостите, и тој колорит го украсува делото до степен на восхит.

– Тасевски за таквата потврда ја отвора рефлексијата што зрачи од романите “Пиреј”, “Скакулци”, “Последните селани”. Сличен приод прави и авторот на ова кратко големо дело, Атанас Тасевски, кога, цитирајќи ги мислите на проследувачите на делото на Петре М. Андреевски, спојните елементи ги создава од својата творечка лабораторија како авторски талентиран влог што го спојува делото во единствената градба, го потврдува траењето и го разубавува со својот посебен стил на вдлабочена анализа низ куси дијамантни спојки, што при читањето создава леснотија, буди емотивно љубопитство кон делото, кое е предмет на неговата опсервација и го отвора просторот низ кој блескоти отсјајот од контекстуалните бранови – вели Димовски.

Посебен дел во разгледувањето на фолклорните елементи, во делото на Андреевски се кратките фолклорни жанрови во неговата проза.

Во тој контекст, Тасевски ги издвојува пословиците и поговорките кои ,,,изразуваат некое животно искуство, некоја народна мудрост, порака,,, ќе рече, како и благословите и здравиците кои, ќе продолжи, ,,претставуваат магиски формули,, за изразување добра или клетвите, заклетвите, злочинска желба. Тука се и брзозборките, прашанките, гатанките, залагалките, наменети за забава. Авторот дава свое видување и дефиниција на фолклорните жанрови. По констатацијата дека поговорките се многуприсутни во творештвото на Петре М. Андреевски, Тасевски посебно ги апострофира поговорките од романите ,,Последните селани,, и ,,Пиреј,,. За баењата, пак, заклучува дека како книжевни состави и како обредни дејствија се настанати во стравот на човекот од различни натприродни сили. Тасевски го разгледува и присуството на соништата во прозата на Петре М. Андреевски, како и нивното толкување. ,Многу народни верувања се поврзани и со претскажувачката моќ на сонот. Верувањето во соништата е присутно и кај денешните луѓе, без разлика на нивното образование и општествениот статус” констатира Тасевски  – вели Димовски за книгата од колегата Тасевски, кој е автор на бројни публикации.

Loading