ПРИ ПАРИ – ЖИВОТ НА ВЕРЕСИЈА

Пензионер за пензионер

Берберниците отсекогаш биле и уште се ,,канцеларии,, за врски. Ниту ФБ, ниту силните медиуми, ниту другите социјални мрежи, па радијата телевизиите или весниците можат да ги престигнат во ,,втората,, функција. Покрај скусувањето на косата и бричењето, тие се место за размена на усни информации за сé и сешто во маалото, чаршијата, градот… Берберите купуваат весници, нон-стоп  таму свири радио, а сега и се гледа телевизија. Сепакод берберниците доаќа најважната и најсвежата веста што ќе ја каже некој додека го потстригуваат или некој додека чека мајсторот да го дотера и разубави во главата.

Во пандемијава е малку поинаку. И берберите работат ,,онлајн”. Демек, со закажување. Не може да се појде и без да се чека да се седне на столот и да почне машинката да брмчи и да паѓа косата на подот. Сé е според ,,правилото на коронавирусот,,. По телефон се закажува кај берберот за термин. Дали е слободен и кое време мајсторот за да се дујдиса времето и со муштеријата. Се забележува во тетратка да не се заборави. Море на потсетникот на мобилниот. Нема дополнителни компликации и за оној чија глава е за потстригување и за оној кој мајсторисува со машинката и ножиците.

По предходен договор со ,,мојот,, бербер закажав да се потстрижам, да се дотерам малку. Оти со оваа несакана болест, наместо на дваесетина, или триесетина дена да се потстригуваме, се случува на бербер да се оди поретко, на два, ако не и повеќе месеци. Младиот бербер по телефон ми кажа дека е при крај со потстригувањето на еден чичко, постар муштерија, а јас ќе бидам на ред.

Седнав да почекам понастрана. За тоа време разбрав нешто поврзано со сегашнава состојба. Човекот, пред мене на столицата, бил од нашиве краишта, од селата прилепски. Пред речиси една година живеел во Австралија. Таму бил подолго време. И семејството, синовите и внуците, му биле таму. Си дошол пред да го ,,завари,, ковидот. Мислел да остане еден месец. Но, се случило што тој и никој од неговите не го посакувале. Заради пандемијата морал да остане подолго. Границите се затвориле. Немало летови за Австралија. Така, без да сака, останал досега. Барал начини да се врати ,,дома,, кај своите, но му пропаднал повратниот билет. Иако имал пари, му завршила важноста на тековната картички. Немал повеќе пари. Бил на милост и немилост кај некои роднини. После го прибрале некои од комшиите. При пари, останал без ниту еден долар. Одвреме-навреме неговите му праќале, ама овде не можел да ги земе, оти документите за лична идентификација не можел да ги користи затоа штои и тие станале неважечки.

-И, ете, рече на крајот Бошко, сега пак ќе те молам дете да ме  почекаш за плаќање на потстригувањето. Ќе ти платам или ќе ти пратам пари. Не сакам да се заборави вересијата. Само да ја добијам палежната дозвола да си појдам и да го решам овој за мене голем и најважен проблем, ако не рекол Господ да останам овде и да ја ,,затворам,, мојата дупка што сум ја отворил кога сум се родил. Ништо деца не се знае. Сé е како што рекол Тој, сполај му. Од пишаното нема бегање – рече, тресејќи се од влакната и си замина набрзина со чувство на срам.

К.Р.

Loading