НИТУ БРАЗИЛКИ НЕ МОЖЕА ПРОТИВ ДЕСПИНА

Фудбал: Подготовки за пролетниот дел од Првата женска лига

Moment od mecot  Despina-Ljuboten

Се поблиску е 27 февруари, кога продолжува Првата женска фудбалска лига. Затоа финишираат подготовките на Деспина. Со силни противници се одиграни два пријателски меча за подигнување на формата. Прво беа одмерени силите со кандидатот за првото место, четвртопласираното Скопје, потоа и со десеттиот Љуботен, пролетва значајно засилен.

На игралиштето со вештачка трева првиот меч заврши со победа на прилепчанките со 1:0, со голот на Анастасија Илиевска во второто полувреме. Двете екипи одиграа одлично и создадоа шанси за голови. Тоа беше динамичен натпревар. Тренерот на Деспина, Николче Здравески, во игра ги внесе сите фудбалерки на кои смета за пролетната битка за бодови.

На вториот меч гостуваше тимот на Љуботен, кој зимава доведе група нови фудбалерки, меѓу кои Бразилките Таила Гомес и Ана Роналдиња, Босанката Сенада Муратовиќ, Србинката Ангела Миловановиќ, а во екипата е и прилепчанката Марија Белистојаноска. Тетовскиот состав, за разлика од есенскиот првенствен дуел кога загуби со 12:0, даде посилен отпор. Во еден период беше 1:1, на крајот од првото полувреме 2:1, а конечниот резултат 4:1 за Деспина. Стрелци на головите за победникот: Елена Бошкоска, Ангела Стојковска 2 и Јована Ѓорѓиоска, повратничката во екипата. Мечот покажа дека Љуботен нема да биде лесен противник во 26 коло, а Деспина е со квалитет за пласман на врвот од табелата.

Трет пријателски меч ќе нема, затоа што претстојат репрезентативни собири, а потоа е пролетниот првенствен старт.

Loading