ИСПЛИВА ПОТИСНАТАТА ЧОВЕЧНОСТ СО ПАНДЕМИЈАТА

Сашо Наумоскси, генерален директор на Витаминка

Sasho Naumoski1

Како Витаминка влегува во 2021 година?

Претходната година сите нé најде неподготвени за тоа што нé чекаше. Покрај крајно неизвесната година, успеавме да направиме соодветен баланс и да прокнижиме позитивно деловно работење. Водејќи се од искуството од лани, оваа година внимателно ја модифициравме стратегијата врз основа на веќе постоечките услови. Научивме многу 2020 година и се уверивме дека сме силна компанија со голем капацитет, способен човечки персонал и голема мотивација за остварување на одговорностите што како прехранбена компанија ги имаме кон граѓаните, дури и при отежнати, несекојдневни и уште би рекол, вонредни услови. Продолжуваме со тоа што најдобро го знаеме, континуирано производство, подигнување на стандардите за квалитет, развој на производи и секако освојување нови пазари.

Дали имате некој план Б доколку продолжи кризата со пандемијата?

Пандемијата секако продолжува, само да се надеваме дека нема да биде во цела година. И тоа да биде, рационално се соочивме со актуелната ситуација и можните сценарија и соодветно сме подготвени. Во оваа ситуација, кога имате три основни фокуси – приоритети, сите во една иста линија, без рангирање, а тоа се безбедност на вработените, континуирано производство и стабилна оперативност на компанијата, не се размислува за план Б. Едноставно, сé вложувате во одржување на приоритетите, целата инвентивност и креативност ја насочувате во нивно максимизирање и сите ресурси ги насочувате кон зацврстување на овие цели.

Какви последици остави пандемијата и се пренесоа годинава?

Пандемијата ни го смени начинот на живот, целосно и трајно го промени нашето однесување. Не знам дали некогаш повторно со таква безгрижност и полетност ќе се социјализираме, или можеби ќе биде потребно повеќе време. Листата последици е долга и уште не е конечна. Мора да признаеме дека сепак, некои од промените кои бевме условени да ги прифатиме, се и позитивни, некои се изродија од целата ситуација и се вистински човечки доблести. Во однос на економијата, следи период на заздравување, враќање на стабилни нозе, иако уште не е готово и состојбата не е целосно оценета. Треба да знаеме дека сега, додека сме внатре во “ситуацијата”, додека ја живееме, сите оценки за последици ни се само проекции. Вистинскиот удар од пандемијата ќе се почувствува кога таа ќе заврши. Сга сé е само прогноза врз основа на претпоставка. Фактичката состојба ни е потребна за да знаеме на што сме. Но, факт е дека работата и производството продолжуваат. За тоа не се ни дискутира. Исто и извозот. Снабденоста на пазарот е императив и тука нема ни прашување. Ние сме прехранбена индустрија и со тоа е кажано многу за потребата и одговорноста. Досега покажавме дека сме силна компанија со одлични механизми за справување со пандемијата, а за другите придружни проблеми кои ќе искрснат, ќе се решаваат во од. Генерално, секоја индустрија во различен обем и различна форма трпи и ќе ги трпи последиците, но истовремено се работи на механизми, што зависат од самите комори, од владата па и компаниите.

VIK 2929 resize

Секое искушение е поука и предизвик. Што заклучивте од пандемијата?

Соочени со неизвесноста на животот минатата година, мислам дека научивме да бидеме потолерантни, но проактивни, прилагодливи и подготвени на брза реакција. Барем тоа го забележувам кај нас. Наметнато од новите услови, научивме да бидеме поефикасни, рационални кон времето и одговорностите. Станавме поинвентивни во изнаоѓање нови начини на функционирање и целосно ги ползуваме можностите што ни ги дава дигиталната технологија. Иако непосредниот контакт е незаменлив, и ценет посебно во деловниот свет, научивме овие релации да ги зацврстиме на друг начин, функционираме и се поврзуваме на друго ниво. Најважното што го донесе целата негативност во минатата година е човечноста, нешто што го имаме, но во суровиот свет го потиснуваме. Главно, заклучивме кои и какви се вистинските вредности. Се надевам дека овие вредности ќе ги негуваме и понатаму.

Колку се променува бизнис менталитетот и техниките на менаџирање поради пандемијата, особено во здравствените институции?

Многу, новите услови нé натераа на изнаоѓање нови начини и методи како да ги мотивираме, поттикнеме и стимулираме. Во таа насока е целата инвентивност и креативност. Покрај, она што веќе го спомнав максимална употреба на дигиталните технологии, во секој дел од работење, и задржување на непосредниот контакт на друг начин. Секако дека и бизнис менталитетот се менува. Сега фокусот е поделен и повеќе од претходно е насочен кон внатре, во компанијата, меѓу вработените, во процесот. Што се однесува до здравствените институции, таму сигурно има сосема поинаква методологија.

Дали доволно спремно и адекватно реагиравте на ублажувањето на консеквенциите од пандемијата во компанијата кај вработените, организираност, информатичка реорганизација и координација …

Во тој период никој не знаеше што следи и што да очекува, па да имаме спремна стратегија, адекватно да, секако, што се покажува и според тоа како ја завршивме година и како продолжуваме со работа и остварените позитивни резултати. Реагиравме многу брзо, секако приоритетно беше имплементирањето на препорачаните заштитни мерките, а ние отидовме и чекор понатаму со зголемување на овие мерки и препораки. Веднаш направивме реорганизација и реструктуирање со цел да ги минимизираме сите слаби точки. Воспоставивме редовна координација, обуки доколку беше потребно како да ги примениме сите начини на работа од далечини, без физички контакт. Комплетно, целата компанија и целосната оперативност се прилагоди на новите начини на работа. Оценката на крајот е дека да, реагиравме брзо, адекватно и со резултат.

VIK 2916

Бесценетоста на семeјството

И приватно, пандемијата остави траги, макар што кризата главно ги поврзува, доближува семејствата?

Да, пандемијата, пред сé, ни ја покажа вистинската вредност на семејството, на блиските, саканите луѓе, а од друга страна ни овозможи да се зближиме повеќе, поминувајќи повеќе време заедно со семејството. Добро ни дојде условеноста да бидеме заедно. Семејните мигови се бесценети и додека си заедно со децата, родителите, внуците, гледаш, всушност, од каде ти извира силата, енергијата, што те прави личноста која си. Се друго е споредно, професијата и бизнисот е идентитетот што го градиме и создаваме, а семејството е она што нé дефинира, што исконски нé прави среќни. Затоа да го чуваме и пазиме, сите заедно да излеземе безбедни и поблиски од оваа ситуација.

Помош за децата здравството…

Витаминка се вклучи со донации во бранот на поддршка на државата, локалната заедница, особено во здравствените институции?

Навистина ме прави горд кога ќе помислам колкава доза општествена одговорност покажа Витаминка и нашите вработени. Покажавме дека сме тим кој е свесен за заедницата, за потребите на другите, кој се грижи и помага. При тоа, најмногу донации упативме кон здравствените институции како начин да помогнеме таму каде што е најпотребно, и кон здравствени работници како начин да ја искажеме нашата благодарност за нивната пожртвуваност. Од почетокот на кризата, вкупните донации на Витаминка во различни сектори ја надминуваат вредноста од 6 милиони денари. Освен во локални и национални здравствени центри, материјална и финансиска помош упативме до здруженија кои се грижат за лица со посебни потреби и ранливи групи граѓани како семејствата кои немаат можност да купат смарт уреди за следење онлајн настава на своите деца, па дониравме 50 таблети. И Витаминка е семејство. Така и семејно се помагаме, со пакет производи во неколку наврати и со обезбедување пристап до посебна едукативна програма ЈетМиндс.орг со што помогнавме во образовниот процес за вработените кои имаат деца вклучени во онлајн наставата. Витаминка е позната како компанија која помага и се грижи. Тоа е дел од нашата филозофија.

Loading