ПОПУСТО ТРЕНИНГ, АКО НЕ СЕ РАЗБЕРЕ РАБОТАТА

Фудбал: Дарко Крстески, тренер на Победа

Pobeda

– Нема ефект, ако при работата размислуваш со кого ќе седнеш на кафе – порачува тој

Екипата Победа е во тренажен процес 24 дена. Иако е во второлигашки ранг, недалеку од дното на табелата, се настојува на прволигашка работа. Целта е да се надомести загубеното од есеноска, но и клупско име и историја. Такви се и барањата на Стручниот штаб.

-Тренинзите се за брзинска издржливост. Паралелно, и техничко-тактичкиот дел. Треба да се издржи, дисциплина и посветеност. Попуст е тренингот, ако не се разбере тоа што се работи, ако се размислува со кого ќе се седне на кафе. Така нема ефект – порачува Дарко Крстески, тренерот.

Поради снегот се откажа мечот со Велазерими во Кичево. Одиграни се само два пријателски натпревара. Првиот се доби со 3:0 против Напредок Крушеани, а на вториот доживеан пораз со 3:0 од Вардар во Неготино. Денеска е дуелот со Тетекс во Охрид, в недела со Пелистер во Битола, а на 20 февруари со Тиквеш.

-Ќе го подигнеме нивото малку погоре. Ќе работиме понапорно. Недостасува квалитет и искуство, што се надопалнува со трчање. Колку и како  сме сработиле, ќе се види на последната проверка со Тиквеш – вели Крстески.

Дојдоа тројца неготинци: напаѓачот Кирил Неделков, полушпицот Мирко Симјановски и крилниот напаѓач Петар Најдов. Се чека уште стопер.

Димоски во Саса

По завршувањето на кариерата на Благоја Гешоски, за напролет во Победа ќе недостига и 21-годишниот Филип Димоски. Тој премина во конкурентот во борбата за опстанок, Саса.  Таму е и Христијан Весески, отстапен од Работнички.

Преодниот рок е до 11 февруари.

Loading