ПРИЛЕП ПОЧНУВА ПРОТИВ КЛУБОТ НА ЛАЗАРОВ

Ракомет

По освоеното 5 место во Б-групата од Супер лигата, екипата на РК Прилеп ќе учествува во плеј-аутот, во борбата за опстанок. Да ја оствари целта, мора да биде прв во конкуренција со Тиквеш, Работнички, Младост, Голден арт – КЛ 7, Радовиш, Јуниор КВ и Астраион. Според ждрепката, во првиот меч во Прилеп ќе гостува Голден арт – КЛ 7, зад кој стои легендарниот Кире Лазаров. Таа е најдобрата, четвртопласирана екипа од А-групата, еквивалент на Тиквеш од Б-групата.

Во понеделникот стартуваа подготовките со тренерот Горан Кузманоски. Има промени кај играчкиот кадар. По заминувањето на пивотот Филип Пајкоски и средниот бек Филип Чурлевски, доведени се двајца искусни: пивотот Александар Тренчевски и средниот бек Златко Везенкоски. Првиот е прилепчанец, кој се враќа по настапите за Зомимак, Вардар ј., Струга, Паргас и Астраион. Вториот е ресенчанец и доаѓа од Радовиш. Претходно играше за Пелистер, Зомимак и Охрид.    Плеј-аутот со 14 кола најверојатно ќе стартува при крајот на февруари или на почетокот од март.

Loading