БЕЗ ЦРКОВНО ПРАВИЛО СЕ ВРТИ МАЗНИК СО ПАРИЧКА НА ВАСИЛИЦА

maznik

Во Прилеп единствено се врти паричка за празникот Василица. Традиција е, а не правило. Симболиката е во парата како земно богатство, а лебот како нужност за живот и го симболизира телото Христово. Нема црковно правило за вртењето на мазник со паричка. Црквата го оправдува и  дава христијанско значење на житието на Свети Василиј Велики.

Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) станал Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал адет редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал богатите да го донесат сиот накит и златници. Кога епархот пристигнал, Свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и по некое чудо се засрамил. Одбил да го земе ипак да го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се вратил, ниту пак им здодевал на верниците. Свети Василиј останал со сиот накит и златници на Новогодишната вечер. Не знаејќи што на кого му припаѓа, просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој се ставило по нешто од накитот и златниците. На Новата Година, кога сите дошле во црквата, тој на секого му дарил по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го дал.

За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка во него.

CIMG3216

Лепчето се разделува така што првото парче е за спомен на Господ, нашиот Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за Свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на членовите на семејството. Оној кој ќе ја најде паричката, го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година.

Црквата смета дека е погрешно да се поврзува празникот на Свети Василиј со комарот, карневали, прејадување, правење на пијанки и гозби што никако не може да се поврзи со Христијанството. 

Почетокот на новата црковна година е некаде на први септември. Ова е граѓанска нова година по јулијанскиот календар. Се поклопува со Василица и обрезанието Господово. Тоа е разликата со тие 13 дена со Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар. Во црквата се слави со молитва за благодарност за минатата година и молитва за Бог да даде здравје, бериќет и да не сочува од злото во наредната.

maznik 1

Loading