ЗОШТО?

ivce1Зошто докторите (повеќето од нив) велат – ,,плуќа,, наместо ,,бели дробови,,? Нема никакво оправдување за оваа грешка. Порано се правдаа дека се служеле со српски учебници. Сега не е така. А и да е, тоа во никаков случај не може да биде оправдување. Зар не знаат тие дека именката ПЛУЌА (во српскиот јазик) е во множинска форма – (,,плуќа су ми болна,,) така велат Србите. Голем дел од нашиве доктори велат дека некој пациент имал воспаление на плуќата. Исто како да рекол дека го боли плеќата.

Зошто докторите (повеќето од нив) велат ,,запушени,, крвни садови, наместо ,,затнати,,? Во нашиот јазик не постои именка ,,запушач,,. според тоа, невозможно е да имаме придавка – ,,запушен,,. Без да се размисли се употребува српскиот збор. Зборот ,,затнати,, е толку познат и толку употребуван во нашава комуникација. Зошто не се употребува придавката ,,зачепени,,? Имаме именка ,,чеп,,. Од неа лесно се изведува придавката ,,зачепен,, (зачепени). Оваа грешка ја слушаме и во други области, не само во медицината. Сме чуле да се вели дека имало дефект на канализационата мрежа. Имало ,,запушена,, некоја цевка.

Зошто докторите (повеќето од нив) велат ,,кичма”, а не ,,рбет,,?  Овде не може да бидат оправдување учебниците.  Се сеќаваме уште од детските години кога во предметот зоологија учевме за извесни живи организми кои се викаат ,,безрбетници,,. Во преносна смисла, и за луѓе кои имаат променлив, нестабилен карактер се вели дека се ,,безрбетници,,. За жал, го слушаме и зборот ,,безкичмењаци,,. Тој збор е српски. Со ништо не може да се вклопи во нашиот јазик. Навистина чудно. Кога ја слушнавме (одамна) онаа несреќна изјава на Заев дека Македонија треба да ја свитка ,,кичмата”, оттогаш, речиси и не сме го слушнале зборот ,,рбет,,. Луѓето, некој сакајќи правилно да го цитира изразот, некои пак мислат дека така треба, редовно го користат зборот ,,кичма”, наместо ,,рбет,,.

Зошто докторите (повеќето од ортопедите) велат ,,штаки”, а не ,,патерици,,? Во некои постари времиња се знаеше исклучиво за патерици, а во последно време ретко ќе се чуе тој збор. На нашиве луѓе, а и на докторите, поубаво им звучи српскиот збор ,,штаки,,. И во речниците тој збор не е одбележан. Но, еве упорно се пробива во нашиот јазик без никаква потреба. Тоа ортопедско помагало е општо познато. Не можеме да разбереме, зошто му се менува името. Во Речникот на македонскиот јазик од Зозе Мургоски, објаснето е вака: Ортопедско помагало за куци луѓе, најчесто со потпирач што се става под мишките. Тука е објаснето и второто значење: Ден по (најчесто религиозен празник) кога се собираат најблиските. Со овој збор се именува и жезолот на владиците. Така е објаснето во Тритомниот речник на македонскиот јазик. Накусо: ПАТЕРИЦА, а не ШТАКА.

Зошто повеќето од докторите велат ,,боловање”, а не ,,боледување,,? Кога некој пациент е потешко болен, докторот обично вели дека ќе му даде ,,боловање,,. Зошто не се употребува нашиот збор – ,,боледување,,? Оваа грешка ја прават речиси сите, и докторите и пациентите. И во административната документација, ако некој работник е отсутен поради болест, ќе ви речат дека тој е на ,,боловање,,. Пак под влијание на српскиот јазик се прави оваа грешка. Зар не е јасно? Болниот човек ,,боледува”, а не ,,болова,,.

Зошто докторите велат дека ќе препишат лекови на болниот? И оваа грешка ја прават речиси сите. Во контактните емисии чести гости се докторите. Неретко советуваат да ги земаат лековите што им ги ,,препишал,, матичниот доктор. Грешка за која никој не мисли. Докторот ништо не препишува. Тој пропишува терапија. Му препорачува на пациентот какви лекови да зема. Му ги пишува на рецептот, односните лекови.

Зошто министерот Филипче (и не само тој) вели дека ја ,,прател,, ситуацијата? Зошто не вели дека ја ,,следел,,, како што треба? Глаголот ,,прати,, во македонскиот јазик има друго значење. Може некој да прати писмо, да прати порака и слично. А ситуацијата се следи.      

Loading