ИН МЕМОРИАМ: ДРАГИ ДРАГОЉУБ БАШЕСКИ

Dragi BaseskiНовинар за сите времиња

Останавме без Драги Драгољуб Башески, кој не напушти во 80-та година од животот. Засекогаш остануваат неговите дела. Беше општествено-политички работник, активен во инвалидските организации, карикатурист, хуморист, шахист, писател, истражувач, новинар…

Љубезен, срдечен, мил и скромен човек, а силен. Најсилното средство со кое се служеше – зборот. При усното обраќање како да цитираше најубава песна. Напишаното – со јазик стилски пребогат. Секогаш прецизен, јасен, умерен, одмерен, а храбар. Во периодот кога уште е ,,ерес,, спомнувањето на некои историски личности, пишува за книгата ,,Ченто – човек, револуционер – државник,,. Општествените аномалии ги исмева во хумористично-сатиристичната ,,Прапорчиња,,. Нови моменти во врска со смртта на познатата партизанка изнесува во ,,Панде Чесноска – убиена или ликвидирана,,. Внимание привлекоа и ,,Предадени,,, Родот Башески од Варош,,,, Перото на прилепските новинари,,, ,,Прилепски спортски големини,,, ,,Борецот Благоја Стојаноски – Говедарчето,,. ,,Шест децении карикатура,,…

Јавноста најмногу го знае како спортски новинар. Новинар за сите времиња. Почитуван еднакво од прилепските и гостинските клубови. Оти беше објективен, непристрасен. Големото дерби Победа – Вардар (1977 година) во ,,Нова Македонија,, го најавува со наслов ,,Нека победи фудбалот,,, а потоа ,,Деновиве треба да се биде во Прилеп за да може да се почувствува расположението пред неделното дерби. Сите приредби и манифестации за недела попладне преместени се за претпладне,,. По мечот кој завршува со 2:0 пред 20 илјади гледачи: ,,Каков амбиент, колку гледачи, безброј навивачки реквизити, на човек окото да му застане.,, По мечот Победа – Вардар 1:1 (1992) забележува ,,Многу посетители – малку денари,,, со податоци ,,продадени само 5383 влезници, а на трибините 15 илјади гледачи,,. По прекинатиот Победа – Силекс 0:0 (1994), наслов ,,Малку мотиви – многу виновници,, а подолу ,,Зар имаше потреба дел од гледачите да им пресудат на службените лица, на гостите и на луѓето кои се грижеа за редот?,,. Доби награда најдобар новинар (1995), награда за животно дело од ФФМ (2007).

Остана недовршена автобиографската ,,Моите премрежиња,,.

Loading