Ќерката Марија Јакимоска за татко си Ченто
Марија Јакимоска, ќерката на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, преку ФБ го изрази револтот од негирањето на јазикот и идентитетот на Македонците.
Таа пишува дека нејзиниот татко од секогаш зборувал дека тие се Македонци, кои говорат македонски јазик и се борел за нивна заштита.
Јакимоска понатаму продолжува:
,,На 8 декември 1940 г. за време на српската окупација на Македонија, татко ми, Методија Ченто присуствувал на родителска средба во прилепската гимназија каде бил старател на неговиот братучед од Плетвар. Татко ми се спротиставил на барањето од директорот на гимназијата децата да зборуваат на својот мајчин српски јазик во училиште и дома со зборовите – ,,Господине директоре, вие не можете од нашите деца да барате да зборуваат на српски јазик, бидејќи сме Македонци и нашите деца зборуваат на макеоднски мајчин јазик,,. Продолжил со објаснување и бил брутално нападнат, претепан и затворен. Бил осуден и интерниран во затворот во Бајна Башта во Србија. Таму го затекнала окупацијата на кралството Југославија. Откако извлекол жива глава, се вратил на 25.4.1941 г. во окупираната Македонија од Бугарија. По неговото одбивање да биде кмет на Прилеп и активно да учествува во политичкиот живот, бил затворен и двапати интерниран во Бугарија. Заради јасно изразената македонска свест бил повеќепати затворан и за време на српската окупација, како и за време на бугарската окупација. Во октомври 1943 г. се приклучува на партизанското движење. За животниот пат е многу напишано. Ова го пишувам поради тезата дека постоењето на Македонците и македонски јазик се од 1944 г. Тоа е груба измислица на негаторите на Македонците,,.