ПРАВОШМУКАЛКИТЕ ГИ ,,СМЕТИЈА,, МЕТЛИТЕ

metlar 1Последниот метлар Славе Конески

– Нема есап, ама се одржува занаетот од традиција

При секојдневни рекламни спотови на сите телевизиски канали, на порталите и секако во весниците за разно разни правосмукалки, за парочистачи, џогери и какви не роботи и машини за собирање на прашина и ѓубре, во Прилеп метларот Славе Конески уште го негува, одржува метларскиот занает. Прави метли и ги нуди в пазар. Пред  пет-шест години во градов имаше четири-пет души метлари, а сега остана само Конески.

– Занаетот го наследив од татко ми. Го работеше и некако и мене ми го пренесе, ме ,,зарази,,. Првин не бев заинтересиран. Кој млад човек, со завршена виша школа и сигурна работа во Тутунскиот комбинат, ќе му мисли на метлите. Откако почина татко ми, отидов во пензија. Се посветив да не изумри занаетот. Носеше и добар дополнителен приход во семејството. Така ја продолжив семејната традиција во правење на сламените метли – вели Конески.

Некои сметаат дека е лесно да се правата метли, дека не е којзнае каков марифет, не е потребно знаење, вештина и искуство, оти не се користи некоја посебна машина, дека не е посебна мајсторија да се направи метла.

– Не е така. Занаетот бара огромно вложување на напор, покрај умешноста и знаењето. Поинаку, не излегуваат саглам метли. Со импровизација, ќе излезе некој фалш и ќе се чуручи знаењето, се загубува добриот глас за мајсторилакот. Затоа метлите ги плетам рачно, внимателно. Рачно се шијат. Има само едно самоделско мало машинче за стегање – врзување на рачките. Марифетот е во изборот на сламата. Да не биде многу ,,лута”, да се крши. Таа не чини. Се арчи метлата и останува само рачката. Потребно е знаење да се собере сламата и да се врзе во рачката, која треба да биде ,,нежна,, и да не прави плускавци на рацете додека се мете – објаснува Конески.

Се жали дека односите на цените и вложениот труд и материјал се на работ на рентабилитет.

metlar 3

– Не се исплаќа да се плетат сламени метли, посебно кога нема материјал, кога не се бараат. Сé повеќе се користат модерните пластични ,,алати”, машини за метење и собирање на ѓубрето. Ситна, симболична е печалбата, а се дреме во зима на студ на пазар. Лете пак, гори од жештина. Скапо е. За една метла, покрај работата, потребен е материјал за 2,5 евра. А метлата се продава за 200 денари. Сега прај го есапот – го доловува актуелниот пазарен амбиент единствениот метлар, Конески.

 Со жалење се сеќава на времињата кога на татко му му носел на пазар 400 метли во среда и во сабота, а тој се враќал со празни раце, но полни џебови.

– Се бараа како алва. А сега е полна капа да се продадат десетина. Материјалот одамна не се произведува во Македонија. Во прилепско се сееше посебна слама за метли која сега доаѓа од скопско Визбегово. И таму не се произведува, туку три-четворица мајстори увезуваат од Банат, Војводина. И во Скопје кое работи за цела земја, падната е работата. Некогаш имало 40  метлари. Тоа е славно минато кое никогаш повеќе нема да се врати. Модерното време постепено става клуч на занаетот. Новите модерни, пластични и којзнае какви метли со електронските правошмукалки со вода или какви уште не, го ,,закопаа,, метларскиот занает – вели 68 годишниот пензионер Конески.

Искра надеж постои за бизнисот на Конески. Тоа е традиционалноста на градот. Колку и да е полесно, побрзо, поубаво и похигиенски прашината и нечестистотијата да се собере со ваакум и во сад со вода, има домаќинки кои за жива глава не се делат од традиционалните метли. И покрај парочистачите, некаде в ќош во домот, мора да врткаат метла. Оти како што може со метла да се фати и се сврши работата, со друго не може. Ги користат, ако не за друго, за зачистување на балконите, скалите, визбите. А оние повозрасните прилепчанки, со метлите уште знаат не само да го светнат дворот, туку и улицата, тротоарот, дури и да замавнат пред портата од комшијата. Метлата и ѓубралникот зад врата се одраз на домаќинлакот според стариот прилепски адет.

Loading