Глаголот ,,пласира,, им создава голем проблем на новинарите и не само ним. Го среќаваме во разни ситуации и со поинакви значења. На пример, некоја фабрика своите производи ги пласира во странство. Може да се рече за некој медиум дека шири, дека пласира лажни вести. Некој спортски клуб се бори да се пласира во повисок ранг. Некој фудбалер ја пласирал топката во левиот агол. Значи тој не употребил сила, туку вештина. Уште во многу, многу други ситуации може да се употреби овој глагол. И радосен момент. Македонската фудбалска репрезентација се пласира на Европското првенство.
Но, јазичната недоследност со глаголот се повторува. На сите ТВ читаме и слушаме: ,,Македонија се пласираше на Европското првенство,,. Забуната доаѓа оттаму што глаголот ,,пласира,, ја има истата форма и за сегашно време и за минато определено свршено. Како што е напишано (се пласираше), исказот не е јасен. Во овој случај ,,се пласираше,, е во минато определено несвршено време и означува дека тој процес, тоа пласирање, се одвивало во некое минато време и дека процесот (пласирањето) траел подолго и не е јасно дали е завршен. Сметаме дека најдобро и најјасно би било ако се рече – ,,Македонија успеа да се пласира на Европското првенство,,. Јасно е дека работата е завршена и целта е постигната. За да биде уште појасно, ќе приведеме и една друга реченица што ја читаме на екраните: ,,Остварен сонот на нашата репрезентација,, – сосема јасно. Сонот е остварен. А ако се рече: ,,Сонот се остваруваше,,, не е јасно дали се остварил, како што не е јасно дали се завршило пласирањето.
Дебатна емисија. Гостин е господин од образованието. Инспектор. Тоа не е важно. Изненадува тоа што човек издал книга со наслов – ,,Трулеж во образованието,,. Повеќепати ја покажуваше книгата. Се чудевме како е можно. Зборот ,,трулеж,, го нема во нашиот јазик. Кај нас тоа е ,,гнилеж,,. Господинот треба да знае дека ваквите грешки придонесуваат за ,,трулежот,, на јазикот во отпечатена книга. Таа ќе патува низ рацете од повеќе читатели. Недоволно упатените во јазичната проблематика ќе читаат. Нема да им падне на ум дека е тоа грешка. Авторитетно и уверливо ќе им звучи името на господинот и ќе веруваат дека така треба. За жал – не треба.
У ште еден пример каде често не се мисли што се зборува. Во коментар за состојбата во економијата коментаторот,објаснува дека ситуацијата е тешка, дека економијата е пред колапс. Слушаме – ,,Закрепнувањето на економијата ќе биде негативно,,. Како е тоа можно? Како може закрепнувањето да биде негативно? Како може болен човек, од тешка болест, почнал да закрепнува, а тоа да биде негативно? Веројатно коментаторот сакаше да каже нешто друго, дека состојбата е многу тешка и дека не може да има закрепнување. Ако има некакво, тоа не може да биде неповолно. Работата е во тоа што нема закрепнување, а не дека закрепнувањето ќе бидело неповолно. Но, кога не се размислува доволно, се јавуваат и вакви нелогичности.
Слушаме: ,,Да се спаси здравствената и економска состојба,,. Здравствената состојба не е и економска. Затоа придавката ,,економска,, треба да биде членувана. ,,Да се спаси здравствената и економската состојба,,. Грешките од овој вид се редовни.