Батали ги вестите кои вознемируваат. Батали ги бројките на новозаразени, починати, загинати, убиени… Батали го штотуку почнатиот филм на телевизија. Гледаш дека е воен филм. Зошто да се растажуваш? Батали ја таа книга. Предолга е. Кој има време за таков класик? Земи некоја лесно читлива ,,лимонада,,. Батали ги тажните мелоси на народната музика, батали ги сите балади… Пушти нешто повесело! Батали ги новозалепените некролози по бандерите. Не гледај, игнорирај, не растажувај се. Батали ја старицата која проси на патот. За гревота е, ама не си Мајка Тереза. Батали го животинчето кое на улица бара некоја трошка. Има кој да го нарани. Батали го плетениот џемпер на баба си. Стар е, дотраен и веќе не е во мода. Се изветреала миризбата која растажува. Батали ги црнобелите слики од баба си и дедо си. Се мачеле ама тогаш за тогаш. Таму нека му е! Нели се минато. Батали, исфрли, заборави, игнорирај, не мисли, ништо не мисли!
Постојано велиме дека се соочуваме со доволно таги, стресови и нервози што е непотребно да се мисли, воопшто. Избегнуваме било каков дополнителен допир со тагата, само за да си ја чуваме здравата психа, среќата, нели? А, во тоа психичко дистанцирање од тагата, неосетно се оддалечуваме и од суштината и вредностите. Тогаш кога ништожноста ќе нé проголта со сета своја небитност, за жал, ќе биде предоцна. Реј Бредбери во својата антиутопија ,,Фаренхајт 451,, го предвиде сето тоа, и ете можеби и се гордее на нас.
Батали е турцизам кој потекнува од турскиот збор баттал. Во македонскиот јазик се користи со значење на остави, напушти и тоа во улога на глагол.
Нина Насеска