САМ СЕ НАСАМАРИЛ ДА СТАНЕ МАЈСТОР

Орде Цветкоски (84) едиствениот самарџија кој успева да ја одржи традицијата

orde samardzija

Не в чаршија, туку дома во двор Орде Цветкоски (84) прави самари. Седнат на земја на скржавото ноемвриско сонце, делка со теслата, а со мислите патува во минатото. Под прецизните удари во дрвото, небаре со нож делка сирење, успева да го формира трупецот кој е главниот дел на самарот. Тој е единсвениот самарџија во градов. Не му е товар занаетот кој го наследил од татка си, туку му е занимација, одржување во живот и пополнување на пензионерските денови. Како судски чиновник во пензија, избрал да им дава смисол на деновите кои се катаден исти. Да работи колку што може. Не, да заработува. Нема маски, коњи, магариња во последно време. Помалку се бараат, токму онолку, колку што може и стариот мајстор да сработи.

Занаетот го изучил од татко му. Се зафатил за да го отстрами татко му кој боледувал од склероза и не сакал да се резили пред муштериите и ги враќа на секое. Летно време кога бил слободен одел на дуќанот кај татко му в чаршија.

– Не само што го научив, туку и го засакав. Ми влезе во крвта. Помагав, работев и ги открив сите тајни на занаетот. Ама се вработив како службеник во Судот и го запоставив занаетот. Не изгледаше арно чиновник да се занимава со занаетчиство во слободното време. Татко ми се разболе, седеше на дуќан и излегуваше во соседството да игра “дама”. Ако некој му донесе самар за поправка, не ја преземаше работата. Дојде едно момче од селото Големо Радоби за два самари. Остави капар. Ги направив самарите во договорено време. Кога ги виде, му дојде душата дека не бил изигран, оти некој му кажал дека татко му нема да му ја заврши работата. Доплати и ги зеде самарите. Убаво ми дојдоа парите од самарите, нешто фазла од платата чиновничка. Оттогаш почнав да работам во слободното време – вели Орде Цветкоски, последниот самарџија.

ruza kuma

Досега има направено многу самари. Не може да ги доброи. За маски, за коњи, за магариња.

– Некои се обидуваат, ама не им оди марифетот за самарџиството. За масторилак треба да поминеш чирак, калфа, па мајстор. Треба време, искуство, работа. Еден самар правам за три-четири дена, бидејќи сум во години. Немам енергија, сила како млад. Кога можев ги правев за два дена. Одвреме навреме и сега се бараат самари, повеќе за коњи. За магариња не, оти магарињата исчезнаа, ги направија плескавици. Ќе почнеме да ги гледаме само на сликчиња. Забранета е и сечатата во приватните забели каде се користи добитокот со самари. Најчесто правам самари за коњи. Тие се бараат, оти коњите се способни да носат големи товари – вели Цветкоски.

За самарите основа е ржаницата, сламата. Одоздола ќебе, дрво, кожа и многу знаење. Ако се познава занаетот, не  е тешко.

thumbnail

– Ако не знае, човек ќе се мачи и нема да излезе како што треба. Ќе го бие добитокот. Полека ги правам, никој не ме брка. Не вјасам. Си давам ден -два плус за нарачката – вели стариот мајстор.

Од алатот, цел го чува и користи, пили, тесли, секири, игли, конци… 

НУНКОВЦИ НА ПОЛОВИНА ПРИЛЕП

Орде и сопругата Ружа се кумови на половина Прилеп. Кумството им е наследено од дедо му и татко му на Орде. На 25 свадби и крштевки биле кумови. Нон стоп без престан, дури се случило да бидат кумови навечар на свадба, а дење на крштевка. Повеќе не ги преземаат кумствата, оти се повозрасни и не можат да стојат в црква.

Loading