Актерот на прилепскиот театар Михајло Миленкоски добил потрес на мозокот и скршен синус, оти на сограѓанин преку продавач му забележал дека не носи маска во маркет. Откако излегол од маркетот бил брутално нападнат со удар во лицето и паднал во безсознание. Се разбудил во болницата со скршеница на синусната коска и потрес на мозокот. Очекува полицијата да го санкционира напаѓачот.
-Пред маркетот напаѓачот ми рече дека забелешката не е моја работа. Луѓе умираат секојдневно и што можел тој да направи. Се извинив, ако се почувствувал навреден. Ме фати за рамото и почувствував силна болка. Ништо друго не се сеќавам. Се разбудив на хируршкото одделение во болницата со скршен лев синус и потрес на мозокот. Лекарот рече да си одам дома, зашто е опасно да лежам подолго поради коронавирусот. Дома затворен, мирував во темнина и во тишина 10 дена. Сега сум подобро, но со одредени болки – вели Миленкоски.
Случајот го пријавил во полицијата.
-Ме контактираа и немав информација дали насилникот е најден. Се надевам ќе го најдат. Знам од ФБ за кого станува збор. Полицијата мора да преземе мерки, насилникот да не го повтори нападот на друг – порача Миленкоски.