ИШАРЕТ

Не секој знае и умее како да даде ишарет и при тоа да остане незабележан. Тоа претставува вештина која бара добра проценка, снаодливост и по малку ризик.

Во турканица, во мноштво луѓе собрани на едно место, низ испреплетени разговори и погледи, тука е местото каде најчесто се испраќаат ишарети. Тоа е мигновен, таен разговор меѓу двајца луѓе. Кога човечките гласови преминуваат во врисоци, а зборовите тешко патуваат до оној кому му се упатени, тогаш ишаретот е најполезното средство за комуникација. Најчесто се применува врз некој од кого очекуваме да го разбери. Со еден обичен ишарет може да се каже било што и тоа без употреба на зборови. Може успешно да се сигнализира некому да замолчи тогаш кога зборува премногу. Ако сакаш некому да му го свртиш вниманието на некој или нешто, а при тоа не сакаш сите останати соговорници да знаат за што станува збор, од полза ќе е употребата на ишаретот. Понекогаш ишаретот може да пропатува во форма на долг, длабок поглед чија намена ја знае само оној кој го прима. Друг пат едно меко навалување на главата може да има улога на ишарет. Веѓите со сета своја сложеност се едни од најважните компоненти на ишаретот, скоро па и не може без нив. А, не ретко ишаретот може да се сретне и во својство на флертување.

Самата појава на ишарет мора да се види и да се доживее за да може да се опишуваат нејзините подробности. Таа нуди една топлина која скришно поврзува двајца луѓе, а нема ништо помагично од таква комуникација без зборови.

Ишарет е турцизам кој потекнува од турскиот збор иşарет. Во македонскиот јазик се употребува со значење на знак, гест; намигнување, сигнал; движење; претчувство, предзнак; навестување; трага, отпечаток и тоа во улога на именка.

Нина Насеска

Loading