ДАЛИ „В“ ИЛИ „Ф“?

ivce1Името ЕВТИМ (ЕВТО) и придавката ЕВТИНО создаваат забуна. Обично, се напишани со “В”, но ги среќаваме и со “Ф”. На пример, во Ономастиконот (речник на лични имиња) од Васил Дрвошанов, односното име е напишано како ЕФТИМ, со “Ф”. Неодамна гледавме некоја музичка емисија во која учествуваше и Евто Пупиновски. Неговото име беше напишано со “Ф” – ЕФТО. Кај обичните луѓе, исто така, има големо колебање кога треба да се напише зборот ЕВТИНО. Го среќаваме и така, но и ЕФТИНО. Во Прилеп постои продавница на чија фирма пишува – ЕФТИНИЈА.

Одамна, во Јазичното катче на Благоја Корубин во Нова Македонија му беше поставено прашање дали треба ЕВТИМ или ЕФТИМ. Како најкомпетентно толкување тој напиша. “Не можевме да го најдеме во Правописот името за кое праша читателот, дали е ЕВТИМ или ЕФТИМ. Има, меѓутоа, една поставка во него врз основа на која ова име треба да се пишува со “В” – ЕВТИМ. Според таа поставка, грчките дифтонзи како и латинските – “АУ”, “ЕУ” се предаваат со “АВ” и “ЕВ”. Бидејќи ова име кое дошло кај нас од грчкиот јазик и почнува токму со дифтонгот “ЕУ”, во македонскиот ќе почнува со “ЕВ” (Евтим). Во Правописот има и друга форма, застапена во нашиот јазик, напишано со “В” – Евто. Тука е дадено и руското име Евтушенко, кое е, веројатно, пак од истата (грчка) основа. Се поставува забелешката дека во нашиот изговор, тоа “В” се изговара како “Ф” (Ефто, Ефтим, Ефтушенко). Тоа доаѓа поради следниот безвучен глас (“Т”) и едначење по звучност. Точно, меѓутоа, кај ред случаи со “В”, обезвучено, едначењето не се одбележува, поради некои особености на овој глас (“В”), па така е и кај овие. На пример, изговараме ОФЦА, а пишуваме со “В” – ОВЦА, (наспрема ОВЕН). Ист е случајот и со дифтонгот “АУ”. Изговараме АФТОМОБИЛ, АФТОНОМИЈА, АФТОКЕФАЛЕН, а пишуваме АВТОНОМИЈА, АВТОМОБИЛ, АВТОКЕФАЛЕН. Понатаму, таков е случајот и со зборот  ЕФТИН (ЕФТИНИЈА, ЕФТИНЏИЈА), кој е пак од грчко потекло и почнува со истата гласовна група, или поточно, со истиот дифтонг. Во српскиот јазик се допушта неговото двојно пишување – ЈЕВТИМ и ЈЕФТИМ. Кај нас се пишува само ЕВТИМ. Така е засега според нашиот Правопис и така треба да пишуваме – ЕВТИМ и ЕВТО, ЕВТИН (друго е прашањето дали не можело решението да биде и поинакво)”.

Вака вели Благоја Корубин. Решението би можело да биде поинакво, на пример, како во српскиот јазик, да бидат допуштени двете форми. Но, според нашиот Правопис е вака и така треба да се пишува. Рековме, во Ономастиконот на Васил Дрвошанов тоа име е напишано со “Ф” – ЕФТО (Ефтим). Не е јасно зошто е така. Дали е личен став или пак е можно да биде тоа само печатна грешка, за која е мала веројатноста. Тој случај може да потврди дека тоа можело да биде и така. Претпоставуваме дека ова создава дилеми и во матичните служби. Оттаму произлегуваат многу грешки, особено правописни, како што е случајот – Биљана (наместо Билјана), Илијоски (наместо Илиоски) и многу други.

За среќа, името ЕВТИМ сега не спаѓа во редот на “модерните” имиња, па и евентуалните грешки ќе бидат помалку. Значи – ЕВТИМ, ЕВТО, ЕВТИНО, ЕВТИНЏИЈА.

Благоја Ивчески

Loading