ВНИМАТЕЛЕН ОТКУП СО ИСПЛАТА НА ПАРИТЕ СЛЕДНИОТ ДЕН

Кире Станкоски, генерален директор на Тутунскиот комбинат

kire stanskoski direktor tutunski

Претстои традиционалниот откуп на тутунот. Кога може да се очекува стартот, како ќе се одвива со оглед на околностите со пандемијата од Ковид 19?

Тутунски комбинат (ТКП) е целосно подготвен за отпочнување на откупот на тутунот од реколтата 2020 година. Сите документации, формалности комплетно се завршени. Спремни сме, уште утре да почнеме со откуп. Но, ја следиме ситуацијата, особно во делот на пандемијата со вирусот Ковид 19. Имаме  замолница и во поголем процент од нашите кооперанти да им излеземе во пресрет да не брзаме со почетокот на откупот. Нашите планови се, доколку не започнеме деновиве, тогаш најдоцна до 25 ноември, откупните пунктови и вагите на ТК ќе бидат отворени.

Како е подготвен ТКП?

Во моментот ги изработуваме спроводниците, поканите насочени за кооперантите, да направиме ред, имајќи ги во предвид пандемијата која сите не снајде. Во прилепскиот откуп, добро ќе се организираме. Тука е стационирано и обезбедувањето и има ред. Загрижени сме за селските откупни пунктови каде треба да има дисциплина и ред од кооперантите, да бидат совесни, имајќи го во предвид вирусот и бројот на заразени лица во државава. Сите документи се завршени, финансиските средства се обезбедени. Завршен е договорот со верните поддржувачи, Комерцијална банка и НЛБ банка. Финансиските средства се веќе на нашата сметка. Овие пет до десет дена остануваат во правење на планови за заштита на вработените и на кооперантите. Да немаме заразен, бидејќи секој еден ќе ги претрпи сите оние последици кои ги носи овој вирус, а посебно со опасноста од ситуација на комплетна изолација на цели одредени работни единици. Многу сме внимателни и организирани. До крајот на ноември, заклучно со 25 ноември планираме да го отпочнеме откупот.

Колку кооперанти имате?

Договорените количини кои ги имаме склучено со нашите кооперанти се околу 2,6 милиони килограми тутун со над три илјади кооперанти. Динамиката свесно ја планираме да не биде оптоварен секој ден, се со цел да се заштитат нашите кооперанти и вработените.

Значи ли тоа дека нема да остане неоткупен тутун?

Сé што е договорено, ќе откупиме. Имавме средби во министерствата каде главна тема беше тоа. Еднаш за секогаш треба да се знае дека тутунот е единствена култура која е решена со закон и максимално организирана. Договорот се прави со имотен лист, катастарска парцела на кооперантите, без разлика дали е сопствен или под наем. Врз основа на површината, се прави пресметка колкава количина кооперантот просечно може да произведе тутун. Со документацијата, службите изготвуваат договор на површината и така се прави договор. Доколку некој кооперант насадил друга нива која не е пријавена, можно е да се јави вишок на производство. Тоа не според законот и е надвор од договореното. Во земјава се договорени над 23 милиони килограми. Се очекува да има количина од милион до два милиони килограми повеќе тутун кои не се влезени во договорите со откупните компании. И на крајот, секоја компанија склучува договори колку што има договори за продажба на тутунот на странските пазари.

Каков е квалитетот на тутунот годинава?

Оваа реколта има послаб квалитет од лани. Тутунопроизводителите знаат. Тоа се должи на неповолниот распоред на врнежите летоска. До август имаше голема суша, а во август имаше интензивни врнежи од кои тутунот нагло прерасна. Има средни горни берби со огромна должина на листови што не е карактеристично за тие берби. Тоа значи дека својот ароматичен комплекс на тутунот ќе биде до максимум разграден во горните и средните берби. Тоа укажува на далеку послаб квалитет за разлика од тутунот од мината година.

Мострите се утвдени?

Мострите се заверени. Ги подигнавме од Институтот за тутун каде Комисијата предводена од министерството за земјоделство ги изготви. Процедурата е завршена и е основа за почеток од страна на компаниите заедно со државните институции. Од инспекторат очекуваме увид во делот на обезбедени средства. Секоја година тие се нормални процедури. Мора да се изврши инспекциски надзор од Државен земјоделски инспекторат, кој ќе констатира дека компанијата ги исполнува сите потребни документи за почеток на откупот.

Дали средствата, како лани, ќе им бидат исплаќани веднаш на кооперантите за предадениот тутун?

Исплатата ќе оди како и мината година. Значи, денеска тутунот се предава, наредниот ден финансиските средства ќе ги имаат на сопствените сметки. Во неколку наврати кажувам дека на многуте работи на кои сме горди во овие 3 години. Од ова сме исклучително задоволни. Им излегуваме во пресрет на кооперантите, да ги имаат веднаш наредниот ден финансиски средства за својот труд кој го вложиле во текот на целата година.

ЌЕ СЕ ПРОДАВА ЛИ ТКП?

Премиерот Заев најави продажба на неколку компании меѓу кои и на  ТКП да се пополни буџетската “дупка”?

ТКП е компанија со доминантна сопственост на државата, 82 отсто се од државата. Како што ќе одлучи Владата, ние ќе се придржуваме на таа одлука. Мора да напоменам дека ТКП во моментов има договор за стратешко партнерство со Филип Морис, кое е со рок на важење до 2024 година.

ВНИМАТЕЛНА ДИНАМИКА ЗАРАДИ КОВИД 19

Каква ќе биде динамиката и кога ќе заврши откупот?

Законскиот рок за откуп е до 28 февруари. Поради здравствената ситуација во државава, наше мислење е и таква тактика спроведуваме, што може порелаксирано да се одвива откупот за да не се создаваат турканици на откупните пунктови. Откупот да трае буквално до последниот ден. Динамиката на дневно откупување да биде 50 тони тутун, со цел да нема метежи и дополнителни придонеси во зголемување на бројот на заразените.

СЕЗОНСКИ ВРАБОТУВАЊА

Во тек е оглас за времени вработувања?

Традиционално ТКП во целата историја ангажира сезонски работници, а токму во овој период. Имаме потреба од околу 100-на сезонски работници. Моментно сме 234 вработени. Ангажираме сезонски работници секоја година да се прибере откупениот тутун.

Loading