МНОГУ АПСУРДИ

ivce1Меѓудржавна македонско-бугарска комисија ќе ги проучувала историските настани. Ќе барала ,,мунасип,, за историските факти. Апсурд! Но, тој апсурд ќе го оставиме. Постојат други апсурди кои го свртат вниманието. Сите, буквално сите – новинари, презентери, политичари, сите односната комисија ја викаат ,,историска комисија,,. Значи, штом треба да се проучува историјата, комисијата ќе биде историска. За времето на оваа пандемија, постојат или можат да постојат, рано-разни комисии кои се занимаваат, го проучуваат вирусот ,,корона,,. Според таа логика некоја ваква комисија би се викала ,,вирусна комисија,,.

Друг апсурд! Во средината на октормври Прилеп беше облепен со плакати. Се известуваат граѓаните од У.З. ,,Центар,, дека ќе имало средба со градоначалникот (прилепски) во големата сала на НУЦК ,,Марко Цепенков,,. Ќе го приведеме целиот текст, онака како што го запомнавме:

СРЕДБА НА ГРАЃАНИ

У.З. ЦЕНТАР

ПРИЛЕП

СО ГРАДОНАЧАЛНИК

НА ОПШТИНА ПРИЛЕП,

ИЛИЈА ЈОВАНОСКИ

ПОЧЕТОК 19 ЧАСОТ

ВО ГОЛЕМА САЛА

НА НУЦК ,,МАРКО ЦЕПЕНКОВ,,

Ете така. Средба на граѓани (наместо: граѓаните). Во голема сала (наместо: големата сала). Па и полуписмен човек ќе ги забележи овие грешки. Ќе му биде јасно дека приведените именки треба да бидат членувани. Кој ли го пишувал овој текст? Сигурно не е курирот од Општината. Сигурно го пишувал човек задолжен за тоа и кој зема плата за тоа! Ние не го знаеме авторот, но знаеме дека е тоа официјално соопштение од нашата Општина. Го знаеме и тоа дека односниот автор í нанесол срам на Општината.

Се редат апсурдите. Висок политичар вели: ,,Македонскиот јазик е реалност и тоа секој мора да го почитува,,. Да! Точно е тоа. Но, дали ние, Македонците, ја почитуваме таа реалност? Слушаме извесна госпоѓа од Институтот за македонски јазик ,,Крсте Мисирков,,. Зборува, дека тие, од Институтот вложувале големи напори за отстранување на некои девијантни појави. Вели: ,,Сите наши напори не вродија со плод,,. Ова сме го слушале и од други луѓе, но чудно е дека го слушаме тоа од лингвист, експерт за јазикот. Дали помислува некој што би можело да значи тоа – ,,Да вроди со плод,,? Како може на нешто или на некого нешто да му се вроди?! Вроденоста постои уште од создавањето, се носи од раѓање, таа е наследна, генетска. Никој никому ништо не може да му вроди, па уште и да му вроди со плод. Огромна мана ни е, нам, на Македонците, да го калкираме српскиот јазик. Србите велат – ,,Уродуќе плодом,, и ние – ,,Ќе вроди со плод,,. Глупости! Госпоѓата зборува дека вложувале големи напори. Можеше да каже дека тие не донесле резултати, не родиле плод, не донесле плод и којзнае уште како. Но, ете! Госпоѓа од Институтот за македонски јазик вели дека нивните напори не вродиле со плод. Браво, госпоѓо! Македонскиот јазик е реалност, нели? Во која реалност живеете вие?!

Понатаму! Вирусот ,,корона,, создава големи здравствени проблем. Слушаме на ТВ, презентерката известува дека биле инфицирани (во некој градинка) две негователки и куварот. А што работат, тие ,,негователките,,? Нели тие негуваат деца? Зар не е појасно од јасно дека тие се ,,негувателки,, а не ,,негователки,,. Она со ,,куварот,, е посебна приказна. Сме имале раговор со човек кој објаснуваше дека татко му бил кувар во некоја фабрика. Го прашавме, што работел татко му таму? -Па готви – објаснува човекот. -А зошто, тогаш, не е готвач – го прашуваме? -А, тоа, па не знам, сите велат така, – одговара! Така е! Сите велат така. Еве тоа го слушаме и од нашиве национ ални ТВ. 

За крај, цитираме краток текст од презентерка: ,,Ќе се реши тоа со анекс или со пропратно писмо,,. ПРИДРУЖНО писмо, госпоѓо, не ПРОПРАТНО.

Loading