КОВИДОТ ЈА ОДНЕСЕ И ПРВАТА ЖРТВА ОД ДЕТСКИТЕ ГРАДИНКИ

Orce Todorovski - direktor na  gradinkiteВоспитувачката Бисера Димеска е првата жртва од корона вирусот од ЈОУ, Детски градинки Наша иднина. Не само во Прилеп, туку и во државава. Заради здравствената состојба таа била ослободена од работа, но само по нецел месец, откако се вратила на задачите како воспитувач на деца на возраст од 5 и 6 години, се заразила и починала. Од Наша иднина уверуваат дека биле почитувани сите протоколи за заштита, како за вработените, така и за згрижените деца.

Неделникот Зенит се заитересира за случајот во обид да ја лоцира заразата и евентуалните пропусти, или дали можеби децата биле трансмитери на вирусот, со оглед на тоа дека почината додека била дома, била заштитена, а по враќањето на работа во градинката Бончејца, за еден месец се заразила и умрела. Починала на 9 ноемеври, а се вратила на работа на 23 септември. Ја заразила и колешката од групата. Заради случајот, 15 деца отишле во двенеделна изолација.

Димеска спаѓала во категоријата на хронични болни лица кои од март, од почетокот на пандемијата, беа ослободени од работни обврски. По престанокот на мерката, било кобно враќањето на работното место. Како и каде настанало заразувањето, директорот на Наша иднина не може да прецизира, починатата доаѓала на работа со такси, а во установата се преземале сите мерки по протокол за заштита од короната.

-Пиле не може да прелета да влезе во установата. Направени се шест дезинфекции на објектите. Последната ја спроведе Локалната самоуправа. Објектите се заклучуваат во 8.15 часот. Имаме дезинфекциони средства кои се донација од Норвешка. Во неколку наврати имавме инспекциски контроли. Сé беше во ред. Вработената беше со хроничен бронхитис, со прекумерна тежина и слабокрвна. Преку болницата во Јасеново не доби продолжување на боледувањето односно ослободување од работа. Не може да се лоцира каде се заразила. Беше во ризичната категорија. Ја ослободував од обврските колку што можеше. Кога се врати на работа имавеме само една, хигиеничарка позитивна, со која не беше во контакт. Децата не ги тестираме. Одговорно тврдам дека сите хигиенски и заштитни мерки од короната се преземаат. За жал ова е прв случај на почината вработена од градинките во Македонија. Дневно сите 56 градинки реферираме 24 часа за состојбата со коронавирусот директно до министерството. Еве по дневниот извештај, има во Чешиново – Облешево, во Бутел… Нема, каде нема. Ни се случи смртен случај, за кој жалиме. За седум дена í се влоши здравјето, но беше упорна да доаѓа на работа – објаснува Орце Тодоровски, директор на Наша иднина.

Колешката на Бисера тврди дека сите мерки се преземале. Бисера се покажлала дека била омалаксана.

– Симптомите í беа од 28-29 октомври. Една недела беше болна. Дека е позитивна се потврди на 4 ноември, а јас на 6 ноември. Таа почина на 9 ноември. Со такси доаѓаше на работа. Маската не носеше заради оти не можела да дише. Од Јасеново í препорачале боледување од матичниот лекар, но не сакаше заради намалување на платата. Јас цело време бев со маска, рацете ги миевме. Но факт е дека доаѓаа деца на згрижување, а кои потекнуваат од семејства во кои има позитивни и имале контакти што е ризик и не е исклучена можноста од пренесување на вирусот – вели Ане Мерипушкоска, негувателка.

Покрај обидите на Зенит да стапиме во контакт со семејството на почината не успеавме за тоа дали можеби системот и државата избрзаа со одлуката хронично болните лица да се вратат на работа.

Во Наша иднина на 17 ноември поради корона вирусот од работа отсуствувале 19 вработени. Дел биле позитивни, а другите во изолација поради заразен во семејството.

ЗА СЕДУМ ДЕНА ПОЧИНАТИ 19 ЛИЦА

За една седмица починале 19 прилепчани од коронавирусот. На кислородна поддршка се 52 пациента. Во периодот од 9-15 ноември, според Центарот за јавно здравје, имало 362 нови случаи. Бројот на активни е 879. Од нив 729 лица се на домашно лекување, 91 на болничко, а 59 се лекуваат во дневната болница. Во домашна изолација и самоизолација се 1.034 лица.

Вкупниот број на  заразени во Прилеп изнесува 2.180. Од почетокот на пандемијата починале 98 лица.

ЖИВОТ ДОЛГ ЕДЕН ВЕК

Во услови кога корон авирусот коси немилосрдно и борбата со кобниот вирус ја губат и млади лица, дури и под 50 годишна возраст, реткост е долгиот живот. Меѓу бројните некролози кои предизвикуваат загриженост, на бандерите стои некрологот на прилепчанецот Богдан Илиоски кој ненадејно починал рамно на стотката. Едноставно, Бог му дарил долг живот, кој во овие времиња за многумина е посакувана старост. 

Loading