ГОРДА ГЕНЕРАЦИЈА, КОЈА ДОПРВА ЌЕ ГО КАЖЕ ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР

Фудбал: Марјан Стојкоски – Манта, национален директор на фудбалските селекции во ФФМ, по пласманот на Европското

-Сервис сме што обезбедува најдобри услови, а тие вратија со најголемиот успех

manta 1

Го славиме најголемиот фудбалски успех – пласманот на Европското првенство, постигнат преку триумфот во баражот од 1:0 против Грузија. Радоста е огромна кај навивачите, граѓаните… Ниту пандемијата не можеше да ги запре да излезат и прослават низ сите градови. Еуфорија во цела Македонија. Како сето ова го доживуваат во Фудбалската федерација, дознаваме од Марјан Стојкоски – Манта, член на УО и национален директор на фудбалските селекции.

-Честа и задоволството се големи што како национален директор дочекав со мојата земја и фудбалска федерација и репрезентација да одиме на Европското првенство. Еднаш се случи со младите до 21 година во Полска, а сега поголема сатисфакција во мојата кариера нема. Репрезентативците одиграа одлично овие две-три години, а овој меч беше ,,шлаг на тортата,,. Од него зависеше сé – дали ќе одиме на Европското, дали ќе станеме уште посилна федерација или пак одново почнуваме. Работата, организацијата, атмосферата во Федерацијата го направи своето. Трудот и работата дојдоа на своето место. Горди сме на оваа генерација играчи, што мислам дека не го кажале последниот збор – вели Манта.

Преку ТВ пренос видовме многу, но не сé. Дознаваме дека пред мечот имало договор да се игра дисциплинирано и борбено, а борбата Господ ќе ја награди. Тактиката била одлично и мудро поставена. Стојкоски смета дека откако Игор Ангеловски – Мрме е селектор, играме против сите отворен фудбал, а не како порано да се браниме. Тоа е огромен напредок.

manta 2

-Среќен сум што селектор е Ангеловски, а лидер и, можеби најзаслужен е Горан Пандев, нашата легенда. И тој живееше за овој меч, иако сé освоил во животот, најуспешен македонски фудбалер на сите времиња. По мечот плачеше, се радуваше како мало дете. Можеби посреќен откога стана европски шампион со Интер – го кажува впечатокот Стојкоски.

Не е мала работа да се мине патот до остварување на 30-годишниот сон на сите генерации, на крајот на гости да се победи тимот на Грузија, која дома не загубила 4 години. За да се биде со големите, мора да се биде голем. Колкава е вредноста е податокот дека од екс-југословенските држави ги нема Словенија, Босна, Србија, Црна Гора, од балканските Романија, Бугарија, Грција, Молдавија, Албанија. Само Хрватска е учесник на Европското, а од Балканот уште Турција и Унгарија. Која беше формулата до успехот?

-Одамна немало таква кохезија во фудбалсково семејство – ФФМ. Присутна е позитивната енергија. ФФМ е сервис што им обезбеди најдобри услови, најдобри подготовки, најдобри авиони, чартери и хотели, играчите да се чувствуваат рамноправни. Така тренерите и фудбалерите, ни вратија со најголемиот успех – смета Стојкоски.

manta 3

Стојкоски, како прв човек на ОФС Прилеп е задоволен кога гледа како на игралиштето со вештачка трева, за кое се избори за донација од УЕФА, се игра секој ден од утро до мрак. Негова желба е на Градскиот стадион, за чија реконструкција е заслужен со обезбедување поддршка од УЕФА, наскоро да настапи и репрезентацијата на Македонија.

Драг спомен е дресот од Несторовски

-Последниот свиреж на судијата го дочекав во ВИП-ложата со претседателот Муамед Сејдини и членовиТЕ на УО. Неописива беше радоста. Слегов долу на теренот да им честитам на тренерите и играчите. Илија Несторовски ми го подари дресот за спомен. Прекрасно е кога прилепчани учествуваат во успехот со Несторовски и Езѓан Алиоски – вели Стојкоски.

Loading