Убаво е кога може да се поправи настанатиот фиран, а уште поубаво е да се гледа како полека исчезнува, се чисти и се опоравува.
Кога бевме деца, обожававме да го направиме најголемиот фиран. Детските игри најчесто изобилуваа со што повеќе расфрлени играчки. Ги разглобувавме играчките на најситни делчиња. Потоа тие најситните можеа да предизвикаат огромна болка кога беа нагазени од нашите родители. Тој фиран траеше и траеше додека не пораснавме. Да не можеш да доисчистиш. Ако имаше услови, нашите игри вклучуваа и многу земја и кал. Со разнобојните кофичиња и лопатчиња се упатувавме на бараното место и ќе започневме со нашите грандиозни градби. Не ја забележувавме ни калта под ноктите, ниту малите камченца кои не скокоткаа во косата и ни влегуваа под блузата, а ниту па оние поголемите кои ни се собираа во скутот. Успевавме да оставиме калливи траги и на лицето, насекаде точки, линии и отпечатоци. Секој ден правевме различно ремек дело од кал и земја по штотуку испраната облека. Родителите најмногу се лутеа на своите непрепознатливи деца. Среќа фиранот можеше лесно да се поправи со малку вода и сапун, а неуморните родители тоа добро го знаат.
Сега повеќето родители не им дозволуваат на децата да прават фиран од себе си и од сé околу нив. Полесно им е да им го дадат мобилниот телефон или таблет и да скубнат малку мир и тишина. Децата ќе останат тивки, чисти и скоро па непостоечки, но за жал никогаш нема да знаат како е да се биде фиран.
Фиран е турцизам кој потекнува од турскиот збор виран. Во македонскиот јазик се користи со значење на упропастен, уништен, опустошен, валкан, нечист и тоа во улога на придавка.
Нина Насеска