НАПРЕДОК ДАДЕ 19, ПРИМИ 1 ГОЛ

Фудбал

Eden od golovite za Napredok

Продолжи Третата лига – Југ со 5 коло. Екипата Напредок Крушеани, сега со седиште во Прилеп, не запира со одлични игри и победи. Последна прескокната пречка е Марена, на гости со 3:0. Стрелци беа; Ицко Јанкоски, Благојче Ристески и Мартин Никовиќ. Досега 5 меча – 5 победи, со гол-разлика 19:1. Управата и тренерот Тони Наумовски ги открија амбициите за првото место и пласманот во Втората лига – Исток.

Реалнис е шансите за остварување на планот. Според одиграното, се гледа дека Напредок е кандидат број 1 за врвот. Само Локомотива од Градско се избори за минимален пораз од 1:0. Останатите противници загубија со 2, 3 и 9 гола разлика. Се очекува продолжение на овој тренд. В недела нова жртва ќе треба да е Илинден од Башино Село, Велешко, на теренот кај Могилата. Потоа е гостувањето на Вардар во Неготино. По две недели стартува серијата на традиционални дербија со екипите од ОФС Прилеп – дома со Обршани, па во Големо Коњари, дома со Братство од Житоше, па со Младост во Кривогаштани и дома со Динамо од Мажучиште.

Табела: Напредок 15, Дојранско Езеро и Ново Црнилиште по 12, Младост Удово 10, Превалец и Динамо М. по 9, Братство и Обршани по 8, Младост К.7, Локомотива и Питу Гули по 6, Вардар и Илинден по 4, Марена 3, Големо Коњари и Габер 0.

Деспина зеде бод од Пржино

Продолжи Женската фудбалска лига со 11 и 12 коло. Деспина немаше тешка задача дома со тетовски Љуботен, чија мрежа се затресе 12 пати. Пет гола даде Ангела Стојковска, по два Анастасија Илиевска и Кате Милеска, по еден Јана Чубриноска, Драгана Костова и Сара Евтинџиоска. По овој ,,лесен тренинг,, следеше големото дерби на гости кај ЖФК Скопје. Постигнато е реми, 0:0, освоен вреден бод. Тоа беше претпоследно есенско дерби, покрај гостувањето на Ас унитед во Струга. Трката за првото место продолжува за тимот кој досега постигна 9 победи, 1 нерешено, доживеа 1 пораз, со гол-разлика 74:6. В сабота дома е можноста за нови три бода со Топ-Гол од Битола.  

Табела: Ас унитед 31, Саса 30, Деспина и Скопје по 28, Тиверија 26, Речица 20, Топ-Гол 16, Истатов, Шкендија и Љуботен по 15, Шкупи 8, Борец 7, Атлетико 4, Плачковица 3, Кочани 0.

Победа остана на 8 бода

Никако екипата на Победа да го зголеми бодовниот капитал. По првите две победи и освоените 6 бода, во наредните 8 кола освоени се само уште 2 бода. Така, прилепскиот второлигаш собра 8 бода, што е премалку.  Во неделата беше поразот со 1:0 во Пехчево. Врвот одамна е предалеку, а дното преблиску. Борбата натаму ќе биде за опстанок и одбегнување на последните места. В сабота е гостувањето во Росоман. Барем таму да биде избегнат поразот, со екипа која одигра најслабо во Прилеп, во 2 коло кога Победа триумфира со 3:0.

Табела: Тиквеш и Брегалница по 26, Кожуф 17, Слога 13, Кит-Го 12, Осогово 10,  Победа, Саса и Росоман 8, Плачковица 6.

Општински лиги

Желба за игра

Долго се чекаше на почетокот на општинските лиги. Желбата за игра кај екипите беше голема. Кај повисоката лига се одигра првото коло, па следеше пауза, за претходниот викенд да се одигра второто. Во пониската лига се одигра првото коло. Викендов треба да продолжи. Сепак, од клубот Јунајтед побарале одложување на наредните два меча поради ризик од зараза со коронавирусот.

Loading