НАМЕСТО В КУЌА, ПОПОТ ОТПЕАЛ ВО ДВОРОТ

2

Живот: Прилепчани соочени со корона

-Едни се преплашени, на други око не им трепнува

Порано народот зборуваше претежно за политиката, сега за короната. Низ градот секојдневно, главно пензионерите муабетат за пандемијата и корона вирусот. Првин се разменуваат најпресните информации околу тоа колку нови сограѓани се разболеле и колкумина починале. Се гледаат некролозите. Потоа дискутираат. Ако се начекаат спротивставени мислења, дискусијата е жестока. Секој има своја вистина. Едни се преплашени, а на други око не им трепнува.

-Пандемијата сигурно постои. Само грешка е што болниот се прима на лекување, откако ќе покаже потешки симптоми, дури кога ќе се влоши состојбата. Внука ми беше дома дури не покажа симптоми со висока температура. Потоа се тестира, а резултатот се чека два дена. Се покажала позитивна и ја примија в болница. И се јавијае силни болки во градите и лоши мисли. Сé  и сешто и се причинувало. Ја ставиле на кислородна поддршка. Успеале да í ја симнат темпертурата. Се излечи. Лежеше повеќе од 20 дена. Сега оди на работа – ги кажува своите аргументи еден пензионер.

Тој цело време при зборувањето не ја вади маската. Му го покрила лицето до очите. Тешко некој да го познае. Ја носи секаде и не ја вади додека не се врати дома. Дури и дома бил внимателен и на растојание од другите во семејството. Син му кога доаѓал бил и тој со маска. Мерките за заштита од вирусот ги практикувале и дома.

1

– Ми е страв многу. Косава ми се крева. Со маска издржувам месеци со кризава. Дишам со устава. Морам така, оти без маска ќе заразам други. Сите треба да носат маски. Не треба никој никого да земе на душа. Еден ми се јави и ми најави посета: ,,Ќе дојдам на гости. Ќе дадеш едно пиво,,. Му реков: ,,Да не иди, никако. Ни да идам, ни да ми дојдеш,,. Опасна работа е. Во двор може да седнеме, ама дома – не. За славата Петковден ја изнесов маса, на неа пченица, поскура, винце, свеќа, каделниче со жар, попот да отпее. ,,Може попе надвор? Може,, рече. Отпеа како што е редот. И тогаш носев маска – вели пензионерот.

Гледаме неколку малечки деца со маски. Едно вози велосипед, друго тротинет, третото се врти на вртелешка, четвртото се ниша на нишалка. Сите со маски. И кога решија да се одморат малку, не ги извадоа маските. Велат дека возрасните им рекле дека така требало. Ги носеле и на училиште, ги носат и сега. Едното вели дека имало 6 години и не морало, но подобро било да ја носи како другарчето од 7 години за кое била задолжителна.

Пензионер вели дека вирусот е опасен, не е играчка. Секаде возел велосипед и носел маска. Возел и до новите гробишта да одбегнува мешаници по автобусите. И тогаш носел маска. Ќе ја носел додека препорачувале надлежните, на кои им верува.

Се спротивстави еден средовечен сограѓанин.

-Короната ќе си остане. Мора да живееме со неа. Ова ептен е претерано. Луѓево умираа и порано, не само сега. Што да правиме? Се запишуваат многу умрени од корона, а нема врска. Умрел од срцев удар, ќе го запишат од корона. Ногата му ја пресекле, шеќер имал, рекоа од корона умрел. Се фрлил од 12 кат, кога паднал откриле дека од корона умрел. При паѓањето ли, некој на седми кат го заразил од корона? Дека има грип, има. Многу е мала смртноста од корона. Од овие 1100 што ги кажуваат, одвај 20 ако се од корона. Останатите се од други болести – старост, претерана тежина… Дедо ми пред 30 години од што умре – од корона или оти му дојде денот? Што да правиме. Маска носам, оти мора законски. Да нема казни, не му се секирам. Би носел само во затворени простории. Треба претпазливост, држење дистанца. Ама за толку треба паничење, маски, затворање, карантини, полициски час… Маската е повеќе штетна отколку корисна. Човек постар, со слаб организам,  не е добро да го затвориш дома и да мора да носи и маска. Тоа е убиство. Нему му треба чист воздух. Со маската го задушуваш. Маската е отров – смета возрасниот.

3

Сé поретко се забележуваат луѓе без маска. Од дома излегуваат со маска. Одат до чаршија, дури и  на мотор или на велосипед, пак со маска. И во автомобил исто. Во продавници пак со маска. Пред банките со маска и со пропишана дистанца. Човек ако сака да биде раат и без маска единствено му преостанува да седне во некој од локалите. Гледаме сограѓани уживаат. Седнати на маси и на отворено. Си пијат пијалак, кафе, некои со цигара в уста. Никој не носи маска. На метар од нив врват сограѓани – сите со маски. Така било законски. Некои се шегуваат дека вирусов не одел кај овие кои си платиле пијалок. Други, кога ќе ги видат овие сцени, а притоа ќе се сетат на бројките заразени и умрени, се залагаат за заострување на мерките за да се елиминирал вирусот.

-Што е ова? Како може без маски? Само строго за овој народ. Да има контроли и по домовите и викендичките. Нека проверуваат кој прави журки со по 15-20 луѓе. Сето тоа е причина за заразава. Луѓе умираат и доста е толеранција. Нека има поголеми казни. Нека има и апсења. Само така ќе се доведеме во некаков ред – револтирано зборуваше еден интелектуалец од зрели години.

Дебати како во парламент. Никој не попушта. Едната страна се повикува на светските и домашните здравствени институции, а другата на сопствената логика. И бројките од заразени, заболени и умрени различно се толкуваат.

-Не ми е јасно како може некој да вели дека немало корона. Гледаме дека секој ден се повеќе и повеќе има умрени. Има и млади, а до вчера биле здрави-прави. Не е само кај нас. Зарем не гледаме дека цел свет се бори со овој вирус. Кога ли овој народ ќе се свести? – прашува една повозрасна сограѓанка.

-Никој не вели дека нема корона. Но, короната е само обична настинка. Еве како умираат луѓево. По осум месеци нон-стоп кампања, нормално е дека бројот на умрените се зголемува. Луѓето се преплашени не само за здравјето свое и на семејството, ами и за работата, финансиите. Преплашен човек губи имунитет и добива тешки болести, големи стресови. Ова лудило мора да престане. Народот да добие слобода. Нека нема казни и рестрикции, ќе нема ни корона, ни заболени ни умрени од неа – возвраќа еден печалбар од Германија.

Немаме намера да пресудиме кој е во право. Можеби нечии аргументи ќе натежнат во деновите што доаѓаат. Можеби никогаш нема да биде докрај дефинирано ова што ни се случува.

4

ОД МАРТ ДОСЕГА КОРОНАТА ПОКОСИ 78 ПРИЛЕПЧАНИ

Заради зголемениот број на лаборатории за тестирања за Ковид-19, резултатите за бројот на позитивни и починати лица од коронавирус за Прилеп, во Центарот за јавно здравје пристигнуваат подоцна. Затоа, додека трае ваквиот начин на објавување на дневниот биланс, локалните власти ќе ги обелоденуваат податоците секој вторник, или еднаш неделно.

Од 3 до 10 ноември, според Центарот за јавно здравје, во Прилеп имало 377 нови случаи. Од коронавирусот починале 15 лица. Активни случаи се 765, од кои 659 се наоѓаат на домашно, а 106 на болничко лекување. Во домашна изолација и самоизолација се 1019 лица. Вкупниот број на заразени е 1818. Од почетокот на пандемијата до 10 ноември починале 78 лица од коронавирус.

Loading