Интервју – Дејан Тошески – В.Д Директор на Меѓуопштинскиот центар за социјалана работа
Колку време сте директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа (МЦСР) во Прилеп?
ЈУ МЦСР го раководам како вршител на должност директор веќе една година.
Како ЈУ МЦСР работи за време на пандемијата од ковид 19?
Факт е дека никој, па ниту нашата институција, не беше подготвена за пандемија од вакви размери, предизвикана од вирусот ковид 19. Покрај тоа што помина скоро една година, сепак уште и ние, како институција, но и граѓаните, учиме како треба да се однесуваме додека трае пандемијата. ЈУ МЦСР Прилеп работи постојано со корисниците, не дозволувајќи ниту еден наш корисник и ниту еден граѓанин кој се нашол во положба на некој социјален ризик да нема пристап до соодветна социјална заштита, почитувајќи ги протоколите од Министерството за здравство и Владата.
Дали е олеснет пристапот до правата од социјалната заштита?
Според уредбите на Владата, значително се олесни пристапот до социјалната заштита, односно до остварувањето на правото на гарантирана минимална помош со укинување на дел од законските пречки за стекнување со правото. Сите домаќинства кои претходно не можеа да го остварат ова право поради тоа што некој во домаќинството добил отказ од работа или спогодбено му престанал работниот однос, каде има член на домаќинството кој не е активен барател на работа или има регистрирано патничко моторно возило кое е постаро од 5 години, со овие уредби можат да се стекнат со правото на гарантирана минимална помош, соодветно на тоа и правото на детски додаток и додатокот за образование. Така, ние, како институција и државата, излегуваме во пресрет на овие домаќинства да не останат во положба на социјален ризик како материјално необезбедени.
Дали значително порасна бројот на домаќинства кои користат гарантиран минимален приход?
За наша среќа со успешното менаџирање како на здравствената криза, така и на економската која се појави како последица на здравствената, не се соочивме со енормно зголемување домаќинствата кои се нашле во положба на социјален ризик. Зголемениот број повеќе се должи на олеснетите критериуми, а не на запаѓање во сиромаштија на повеќе домаќинства. ЈУ МЦСР располага со капацитет да одговори на сите барања кои стасуваат до нас.
Каква е состојбата со поднесени барања за додаток за образование и колку деца ќе го добијат?
До ЈУ МЦСР моментно се поднесени над 4000 барања за остварување на правото за додаток за образование. Во првиот квартал за исплата ќе влезат сите деца со поднесено барање до 15 октомври. Останатите, кои поднесле барање после 15 октомври, ќе добијат средства за втор, трет и четврт квартал. Во моментов се менува законот за да се уреди задолжителното присуство од 85 отсто на часовите како еден од условите за користење на правото. Доколку направиме паралела со претходната година, околу 3000 деца ќе го остварат додатокот за образование. Ова е солидна бројка на деца.
Колку дневни центри се под ваша надлежност и како работат за време на пандемијата?
ЈУ МЦСР е надлежен за Дневниот центар за лица со ментална попреченост Ѕуница и за Дневниот центар за деца со церебрална парализа кој е отворен и функционира во соработка со општината Прилеп. Бидејќи двата дневни центри згрижуваат деца на кои и им е нарушена здравствената состојба, доследно се почитуваат протоколите за работа на дневните центри. Во двата дневни центри моментално се згрижуваат околу 20 деца. Со почитување на протоколите, досега нема случај на заболено дете. Дневните центри непречено функционираат. Имавме кус прекин за нивна редовна дезинфекција од Центарот за јавно здравје.
Како го оценувате работењето. Какви новини се воведени во ЈУ МЦСР во вашиот мандат ?
Не сум тој што треба да го цени сопственото работење. Тоа треба да го направи Министерот за труд и социјална политика, пред кого одговарам за сопственото работење, но и пред граѓаните на општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани, каде ЈУ МЦСР Прилеп е месно надлежен центар. За перидот од една година воведени се повеќе новини, од кои дел се на моја инцијатива, а дел се направени да се воспостави систем на работење во согласност со новиот Закон за социјална заштита од 2019 година. Се реонизира територијата на општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани. На секој реон задолживме водител на случај. Тој работи на таа територија и ја познава целата проблематика, дали за права од социјална заштита или за услуги од социјална заштита. Полека, но сигурно го трасираме патот на еден вид матични социјални работници, задолжени со определена територија да ги решаваат проблемите на граѓаните од областа на социјалната заштита, но и сите оние овластувања кои со друг закон ни се пренесени како на јавна установа. Овој начин на работа, односно интегрираното водење на случај, е една од најдобрите реформи во социјалната заштита. Наместо граѓаните да се праќаат од еден кај друг службеник, сега службениците знаат, во согласност со територијата на живеење, кој стручен работник, односно водител на случај е задолжен за нивната територија и преку тој стручен работник ќе ги остварат сите права и услуги кои ги даваме на граѓаните според закон.
Како им се олеснува на жртвите на семејно насилство?
Отворивме Кризен центар за жртви на семејно насилство и Советувалиште за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство. Полека создаваме искуство за поефикасна заштита на оваа ранлива категорија.
Поради пандемијата, направивме приемно одделение за заштита на корисниците и вработените. МСЦР непречено дава услуги на граѓаните.