КОЛКУ И ДА Е ДОЛГА НОЌТА, ДЕНОТ СИГУРНО ЌЕ ДОЈДЕ

azeskiПорака од претседателот Бранко Азески до членките на Стопанската комора на Македонија

Ноќта  дојде  порано  од  што  очекувавме. Како  да  се  наоѓаме  во епицентарот на еден триаголник во кој имаме економска, здравствена, па и општа криза  која долго се провлекува, од 2008 година наваму. Анкетите конечно покажаа дека секому му е јасно оти кризата ќе потрае подолго и  дека  спасувањето  на  човековите  животи  мора  да  биде приоритетна цел.

Иако навикнати на дејствување во кризни ситуации, во моментов непредвидливоста е толку силно изразена што надежта е доведена под знак прашање. Светот   полека,   но   сигурно   влегува   во   зоните   на   општите опасности. Затоа решенијата мора да се бараат навреме. Еден од клучните фактори што може да го трасираат тој пат мора да е реалниот сектор, затоа  што  со  многу  примери  покажал  дека  нудел  вистински решенија.

За да се врати надежта, особено кај оние врзани за бизнисот, потребни се РЕШЕНИЈА. Само РЕШЕНИЈА, кои мора да се брзи, одлучни  и  засновани  на  реални  проценки. Додека не изгрее денот, да ги оставиме настрана сите расправии ,,истресени од ракав,,, да заборавиме на неплодните дискусии за историјата и да ги промениме уништувачките изрази ,,јас  знам  сé,,  ,,кој  е тој  да ми кажува,, ,,јас одамна реков,,, кои само ќе придонесат да платиме висока цена во кризата.

Реалниот сектор во овој момент бара да биде клучен фактор во изнаоѓањето излезни решенија, а по кризата, ако навистина таа не се претвори во секојдневие, ќе се врати на својата реална позиција – да биде еден од факторите што учествуваат во креирањето на економските политики. Примери има безброј. Да не ги продадевме туристичките капацитети што ги наследивме од поранешната држава, ќе претставуваа консумент и промотор на земјоделско – прехранбениот сектор. Да ги поддржавме домашните синџири на супермаркети (Тинекс, КАМ, Кит-Го, Стокомак, Жито, Кипер, Рептил…) да се прошират во соседните земји, ќе отворевме нови пазари за земјоделско – прехранбениот сектор. Имавме и примери. Фершпед на крајот на 90-тите г., со изградбата и со купувањето на хотелите во Скопје, Охрид и во Маврово и со влегувањето во сопственичката структура на Европа и на Сковин, покажа каде треба да одиме. Тоа е дело на нашите истакнати бизнисмени и познати коморски активисти Минчо Јорданов и Светозар Јаневски, правејќи спој меѓу овие два сектора, кои се сериозен потенцијал за создавање новододадена вредност. Стопанската комора на  Македонија неслучајно во средината на кризата, на крајот на септември, одржа  голема конференција за позицијата на туризмот и угостителството по кризата КОВИД 19. Претстои и за земјоделско – прехранбениот сектор.

Има многу примери кога бизнисот беше резервиран спрема одредени инфраструктурни проекти (пругата кон Бугарија, ревитализацијата на пругата Србија – Грција, влегувањето во сопственичката структура на солунското пристаниште итн…). Значи, бизнисот бара решенија, а не дискусии. Бара многу поголемо учество во донесувањето на решенија отколку досега. Ние како нивни претставници ќе направиме сé да го овозможиме тоа.

Loading