На локалитетот Маркови Кули-Градок, с.Манастир-Мариово
Истражувањата на локалитетот Градок во Мариово открија културно-хронолошки податоци за првично конституирање на објектите од овој дел на акрополот во раната антика, организацијата на средновековните конаци во овој сегмент од средновековниот манастирски комплекс. Добиени се сознанија за врската на овој дел од Мариово со регионот на Солун. Потврдени со наоди од луксузна глазирана керамика, поврзана со реномирани грнчарски работилници на Солун во последните децении на 12 до раниот 14 век. Октомвриските истражувања ги правеше Инстиутот за старословенска култура.
-Податоците во голема мера ги заокружија сознанијата за планиметријата на античката населба и просторната организација на средновековниот манастир, лоцирани над еден од јазолните комуникациски пунктови во Мариово – потенцира Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.
Дополнително ќе се направи тридимензионално моделирање на акрополниот дел од населбата, каде се концентрирани најголем дел од истражените градби сочувани на површината. За проверка и потенцијално коригирање, ќе има топографско снимање на видливиот дел од фортификацијата. Преку комбинирање на два методи, едниот за топографско, а другиот за визуелно снимање, ќе се продуцира најпрецизен план на градбите и на целиот истражен локалитет. Со спојувањето на резултатите од двете снимања ќе се добие досега најпрецизен тродимензионален модел за акрополниот дел од населбата.
Истражувањата на локалитетот Маркови Кули-Градок кај селото Манастир во Мариово претставува продолжение на сеопфатните археолошки истраги во научно истражувачкиот проект ,,Културно – ликовното минато на Мариово,, кој го третираше развитокот на културата низ призмата на археолошките, уметничките, историските и лингвистичките проучувања на регионот Мариово интегрално.