К. Ј. ПИТУ: ТАКА ГИ УБИВАА МАКЕДОНСКИТЕ СИНОВИ

pismo-2

Идејата за овој напис е тоа што дојдов до фрапантен податок од писмо кое го напишал стариот прилепски илинденец Милан Јоскоски за енигматската личност, полковникот Борис Дрангов. Вистината е болна затоа што ги открива сите рани што се покриени со лаги. Дрангов е роден во Скопје, завршува воено училиште во Софија, а воена академија во Санкт Петербург. Учесник е во балканските војни, Илинденското востание и Првата Светска Војна, на страна на Централните сили, во бугарската армија. Неговиот соучесник Ст. Стаматов ја напишал злокобната вест дека Борис Дрангов загинал од француски куршум на 24 мај 1917 година кај завојот на Црна Река. А напишал така, зашто морал да напише така.

Илинденецот Милан Јоскоски во своето писмо објаснува: ,,Тоа не е вистина. Војводата Петар Ацев за сé широко ме информира,,.

Дрангов често се состанувал со војводата Петар Ацев, Ѓорче Петров, командантот на гарнизонот, полковникот Георги Писимов, началникот на државната безбедност Иван Битраков и повеќе офицери. Сите тие, на чело со Борис Дрангов, решиле јули или август 1917 година да извршат пуч, да ја отцепат македонската армија од бугарската и да се прогласи самостојна Македонија.

Војводата Петар Ацев преку Писимов и Битраков дознава дека на 24 мај 1917 година Борис Дрангов е убиен лично од бугарскиот генерал Нерезов. А тој ден немало никакви судири на фронтот. Според расправата на Битраков во оваа афера и уште други македонски офицери се егзекутирани. А и затворени. Паничниот страв ги тера да ги убиваат македонските борци. Погребан во Скопје, па во Пловдив, Дрангов му е подигнат споменик од девет метри. Повеќе од 100 години не се спомнува неговото име во Македонија. И едните и другите грешат. Македонија треба да биде таа што треба да го подигне споменикот на воинот Борис Дрангов, вљубеникот во Македонија. Еве колку ја сакал Македонија:

,,Македонијо, ако те заборавам,

Јазикот да ми онеме

И нека вечно проклетство

Во мене да тлее,,.

На еден индиректен начин, убиството на Дрангов го спомнува и силниот наш интелект Кузман Јосифоски – Питу во писмо, испратено до Благоја Талески, завршувајќи со зборовите:

,,Така ги убиваа нашите македонски синови,,.

За жал, и овој наш македонски син – К. Ј. Питу, подло беше убиен од бугарскиот фашистички окупатор.

Очајна северна земјо. Северно од здравиот разум. Нејасно претчувство на нешто злокобно, готово како да почнало некое патување во неповрат. Нигде да би нашол причини за надеж. Како би можеле да имаат срце да не огорчат. Таков сме ков и никогаш нема да оздравиме. Покрај ковид вирусот, имаме и вирус кој ништи сé што е македонско. Ќе се каете. Длабоко ќе се каете. Убаво рече Солза Грчева – ,,Сами си го копаме гробот за на крајот да ни речат: Ајде скокнете во него,,.

Отсуствува јасно изразена национална политика која ќе ги гарантира националните интереси на државата.

П.С. Само полкот на Каракачанов со своето извинување може да го испере срамот предизвикан со убиствата на македонските синови од страна на бугарскиот фашистички окупатор.

Прим. Спец. Др. Б. Дамески

Loading