БЕЗ СИМПТОМИ – СЕДИ ДОМА, ИАКО СИ ПОЗИТИВЕН НА КОВИД

1140-covid-19-hospital.imgcache.rev.web.850.484

Ако еден е позитивен нема да бидат тестирани и другите во фамилијата. Сите позитивни не може да бидат хоспитализирани. Со помош од матичните, сите доктори во болницата, централен довод на кислород, повеќе кревети и поголема релаксираност на граѓаните, може да се надмине корона бранот, откако повеќе од половината од сите заразени во пандемијата се во последниот месец. Или од 1380 позитивни, 722 се во октомври.

– Нема да биде хоспитализиран секој позитивен, туку само по строга индикација. Нема потреба пациентот да чека, да прави метеж пред инфективно одделение. Ќе дојде ако матичниот лекар го прегледа и процени дека треба да дојде на инфективното, според нашите протоколи. Од оние турканици кај нас во моментот 40, верувајте 20-тина можат да бидат обработени од матичните лекари. Тие треба да им дадат простор на оние кои навистина им е потребна помош од инфектолог и да бидат хоспитализирани. Ако некој во фамилијата е позитивен, не значи дека сите треба да бидат тестирани. Тоа ќе го кажат матичните. Да се тестираат само критичните, со кардиоваскуларни заболувања, со хоб, со астма, со некој тешка болест. Ако еден дома е позитивен, веројатноста е дека сите се позитивни, но не мора да бидат сите тестирани. Да се тестира оној од ризична група – вели Мирјана Крстеска, началник на инфективно одделение.

Кризниот штаб и градоначалникот апелираат младите да бидат поодговорни. Со забави и групирања да не ги доведуваат во опасност повозрасните членови во семејството. Да се носат заштитни маски и да се одржува физичка дистанца и дезинфекција. Бројот на активни случаеви, до 3 ноември е 509, од кои 63 се на болничко лекување, а останатите на домашно. Во изолација се 695 лица. Од починатите 62 лица, 20 се во октомври, од кои 10 во последната седмица.

ДОКТОР ПРЕКУ НОЌ НЕ СЕ СТАНУВА

Освен ушното, и дел од интерното и очното одделение во болницата, од средата се пренаменети за пациенти со Ковид 19, бидејќи се зголемува бројот на заразени прилепчани. Добиени се дополнителни 100 легла. Недостасува медицински персонал, зашто дел се позитивни или во изолација. Болницата доби дозвола од министерството да се вратат 20-те специјализанти за да помогнат.

– Најголем проблем се докторите. Не се создава доктор преку ноќ за лекување на тие пациенти. Во инфективно одделение повремено уфрламе сестри од другите одделенија. Таму е најоптоварено со пациенти кои лежат, пациенти кои имаат потреба од преглед или терапија во дневната болница – вели Драган Богоески, директор на болницата „Борка Талески”.

Болницата располага со три нови санитетски возила. Наскоро ќе се обезбеди и централен довод на кислород во Инфективното одделение,  наместо боци.

И МАТИЧНИТЕ ВО КОСТЕЦ СО КОВИДОТ

Активно ќе се вклучат и  околу 64 матични лекари да помогнат за растоварување на здравствените институции. Се чекаат протоколите за да не ги загрозат другите пациенти.

– Сме положиле хипократова заклетва и знаеме колку е ризична нашата професија. Мора да ги прегледуваме сомнителните пациенти. Не може да избегаме и да не ги прегледуваме. Имаме пациенти со други дијагнози и не сакаме сите да ги доведуваме во опасност. Се грижиме за околу 400 граѓани дома и бараат совети. Досега од Министерството за здравство немаме насоки како да постапуваме – вели Нора Димшоска Тасеска, претседател на здружението на приватни лекари на Прилеп.

Loading