ШТО ПРАВЕЛ, ТОА НАШОЛ!

Арамијата Стојко Рабе од селото Вепрчани во Мариово излегол да бери пари од чорбаџиите. Шетал по планините, одел од село на село, фаќал луѓето и му барал пари да ги пушти. Ако не му давале, ги колел. Дошол Рабе арамија во селото Дуње. На неколкумина побогати  му зел многу пари. Тие кои не давале, им влегувал дома ноќе, на глува доба,  им палел оган силен и ја ставал главата на домаќинот на  вршникот да го мачи. Му пикал од борината спици под ноктите. Така домаќинот, сакал-неќел, ќе извадел колку ќе побарал. Ако не му давал, ќе умрел изгорен од вршникот со мака.

Од арамилакот не можело да биде полошо. Се договориле неколкумина селани со селскиот кмет да го фатат арамија и да го убијат. Му порачале на Рабе арамијата да појди во некоја празна куќа каде ќе му донесат пари. Рабе се излагал. Дошол во Дуње ноќе и влегол во пустата куќа со тројца другари. Селаните кои го чекале надвор ги затвориле, му клале жапките на вратите и ја запалиле куќата од четири страни. Со пиштење и викање, живи изгореле внатре Рабе арамија со дружината.

Loading