ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА УВО, НОС И ГРЛО ЗА ПАЦИЕНТИ СО КОВИД 19

Одделението за уво, нос и грло во болницата веќе прими 10 заразени со корона вирусот со лесна клиничка слика за да се растовари инфективното одделение кое е полно со пациенти.

Според директорот на болницата, Драган Богоески, на уво нос и грло  на располагање се четири соби со места за над 17 пациенти.

-Инфективното одделение ги исполни капацитетите. Дел од пациентите со полесна клиничка слика се префрлени во адаптираното одделение за уво, нос и грло. Тие се надгледувани од општи лекари кои се секундарни во болницата, а се постојано вработени – вели Богоески.

Пациентите се третираат според напатствијата на инфектолозите. По потреба ќе се ангажираат и докторите по интерна медицина, во случај да имаат срцеви и белодробни проблеми.

Оделението за уво нос и грло е опремено со сите потребни средства. Во делот за изолација има боци со кислород, доколку на пациентите им е потребна кислородна поддршка. Ако има потреба, можно е сместување на инфективното одделение. Во меѓувреме, со помош на прилепски фирми  се оспособува централен довод на кислород на инфективното одделение.

-Очекуваме идната недела да се обезбеди централниот довод на кислодод во инфективното одделение кое е досегашен проблем – изјави Богоески.

Во болницата недостасува персонал. Секое одделение има по некој позитивен. Затоа ќе се ангажираат времено над десет медицински сестри и болничари.

-Итно ангажираме 5-6 болничари и 7 медицински сестри, поради зголемениот обем на работа. Се обидуваме, преку Бирото за вработување да обезбедиме персонал за времен ангажман од еден месец, зашто секоја друга постапка бара време за спроведување. Се надеваме ангажираните понатаму  да добијат договор на дело – објаснува Богоески.

На инфективното се сместени 24 пациенти, во делот за изолација се 5, кои чекаат резултати, а на уво, нос и грло се 10 пациенти. Вкупно 34 пациенти со ковид-19 и 4-5 пациенти кои чекаат резултати.

Умреле 54 прилепчани

Во средата (28 октомвр) беа регистрирани нови 28 заразени, а две лица на 55 и 56 години ја загубиле битката со корона вирусот. Според Центарот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата, во Прилеп се направени 3441 тест, од кои 1172 биле позитивни. Починале 54 лица. Активни се 354 случаи, од кои 42 се на болнички третман.

Loading