Ако се земе во предвид повторливоста на изустениот збор дереџе, може да заклучиме дека со години сме на истото место. Ни ваму, ни таму. Од тоа дереџе немаме излезено, а упорно го користиме како ситуацијата од ден на ден да се влошува. Влегуваме од едно во друго дереџе и крајот им го нема.
Колку може да биде тешко едно дереџе не сакам ни да замислам. А, не можам ни да кажам дали дереџето пред многу години било потешко од ова сега. Оти, секоја планина со својата тежина. Ама ете, се менувало дереџето од една уста во друга, од колено на колено, се прераскажувало, се премолчувало и колку-толку се допамтило. Сега можеме само да направиме споредба, од ова сегашно дереџе и од она дамнешно, некогашно. За она идното никој не знае, ама дека ќе биде дереџе е скоро, па неоспорно. Никој не ни се надева на поинаку.
Дури и човекот честопати си го достигнува своето дереџе. Тој може и да не знае дека го достигнал, но љубопитните ненаситни усти од зад грбот ќе прошепотат – ,,Видете до кое дереџе дошол,,. Според нивните критериуми за дереџе кои им се заеднички усвоени, му пресудиле на човекот, а од општата пресуда нема бегање. Поротата од судското озборување ќе ти закачи една значка и да си ја носиш за на век.
Луѓето отсекогаш сакале да дадат свој суд на нештата, да го кажат својот став, па и грешен. Така е создадена суштината на дереџето, темна, зачадена и најчесто недоречена.
Дереџе е турцизам кој потекнува од турскио збор дереце. Во македонскиот јазик има значење на положба, состојба (обично неподнослива, тешка), умерено, со мера, и тоа во улога на именка.
Нина Насеска