НАЈСКАП АВТОМОБИЛ ДА МИ ДАВААТ, НЕ ГО МЕНУВАМ ЗА ВЕЛОСИПЕДОВ!

3Живот: Валентин Попоски – Шербо (52), рекреативец на тркала

-Најдалеку во еден ден возел до манастирот Свети Стефан кај Охрид

Тие што поблиску го познаваат, ретко го викаат по името и презимето Валентин Попоски, повеќе по прекарот Шербо (52), според некогашниот фудбалер на сараевски Железничар. Тие што не му ги знаат името, презимето, туку само прекарот, го опишуваат како ,,Шербо, човекот што работеше во Тутунски,, или ,,Шербо, човекот со велосипедот,,. И, навистина, каде и да го сретнеме низ градот, тој е со велосипедот. И надвор од градот. Рекреативец секој ден.

-Од дете сум со велосипед. Првиот ми беше марка ,,ФБП,,. Некаде во 1984-1985 година уште повеќе го засакав ова превозно средство. За тоа се заслужни браќата Тони и Зоран Андоноски – Бајчо. Ме внесоа во клубот ,,Илинден,,. Таму беа Слободан Митрески, Славе тренерот, корзомалецот Иле Бела, Мице Милошески и други. Тренирав две години, до војската. Потоа продолжив само рекреативно – ги кажува почетоците.

Не го интересираат моторните возила. Автомобили не го привлекуваат. Возачка нема, и никогаш нема да му треба. Ни моторите не му се блиски. Некогаш во семејството имале ,,пони-експрес,,, но не се занесол во него.  Не му лежел моторот, оти сака рекреација, физичка активност. Да си вози, да си застане, да се напие вода кај некоја чешма, кај некој манастир…

-Велосипед, и само велосипед. Возам за здравје. Како што одам по манастири за здравје, така возам за здравје. Некој да ми рече: Дај ми го велосипедот, еве ти еден најубав, најскап автомобил, не го давам. Не ми треба автомобил. Да ми дадат најубава топка, кога не играм фудбал, што ќе ми е – објаснува Шербо.

1Сменил десетина велосипеди, мали, поголеми, обични, необични, специјални… Возел ,,монтајн бејк,,, за по планини. Сега има два. Едниот е обичен – марка ,,симплон,, со багажник за пазарење, погоден за низ град. Другиот е за надвор од градот, марка ,,специализет,,. Тој е, такаречи, професионален, со универзални гуми кои немаат проблем за возење по секакви патишта и во секакви временски услови.

-Денот ми почнува со велосипедот. По појадокот и кафето, се подготвувам за возење. Носам ранец со нож, нешто благо за каснување, резервна гума, шишиња… Јадење или носам или купувам каде што одмарам. Го активирам километражот и – тргнувам. Возам до чаршија. И на работа кога одев во Тутунски, цело време со велосипед. Зиме ќе ги оддишев гумите, за да лепат на мразот. Да не се лизгааат. Пешки нигде не одам. Само до продавница може, понатаму само со велосипед – не отстапува Попоски.

Илјадници и илјадници километри извозил. Не им се знае бројот. Нема каде што не бил во Прилепско. Ги посетил 99 насто од селата. Ги поминал не по еднаш, по многупати. Нема манастир каде не бил. Во Битола многупати вози кај роднините. Некогаш и по петпати неделно вози за Битола, каде го чекало семејството, на чело со 95-годишен дедо. Прво се чуделе, сега веќе не. Не го прашуваат како дошол. Се знае дека е со велосипед. Според километража од 180 километри, во еден ден најдолго извозил на релација Прилеп – Крушево – Демир Хисар – Кичево – манастир ,,Пречиста Псв. Богородица,,- Македонски Брод – Прилеп. Најдалеку бил до охридскиот манастир ,,Свети Наум,,, каде преноќил и другиот ден се вратил. Највисоко се искачил на 1500 м., на Пелистер до хотелот ,,Молика,,. Стигнал за три часа.

-Често одам до Крушево. Секојпат палам свеќа на гробот од Тоше Проески. Одам и кај споменикот. Еднаш седнав на клупа, а до мене маж и жена. Тие беа родителите на Тоше. Од кај си? Од Прилеп. Со што си дојден? Со велосипедов. Мајка му изваде 100 денари. Држи, рече, ние сме родителите на Тоше. Напиј се нешто за душа на Тоше – го спомнува незаборавниот настан – вели Шербо. 

Многу патувања, многу средби, многу релации. Само еднаш бил до Кавадарци оти патот е најопасен. Треба човек да е внимателен, да се варди. На некои патишта има голема фреквенција и несовесни возачи. Слава на Бога затоа што е останат жив и здрав и што продолжува да вози без проблем. Што го привлекува во возењето? Што е тука најинтересното? Да ги види светите места, да ги види и луѓето. Да ги праша како се со здравјето. Пријатели многу. Преспива кај нив, кај Македонци, Албанци, Турци… Сите вери ги почитува. Без јадење не го оставаат да се врати назад. Среќавал луѓе кои порано се подбивале на неговата навика да оди секаде со велосипед.

2-Пред дваесетина години, немаше многу возачи на велосипеди. Сабајле одиме со Тони кон Слива. Едни со автомобил, не стигнаа, го отворија прозорецот и ни се подбиваат: Кај сте бре, будалетинки? На велосипед го искинавте цел живот! Сега тие се на велосипеди. Со кациги, опрема, за Слива. Им велиме ние: Кај сте бре, будалетинки едни! -Оти така велиш? -Оти тоа ми го велевте нам пред 20 години. Ние сме 20 години пред вас – вратил со Валентин.

Од каде толку сила? Ја црпи од верата. Вербата многу помага и за работа и за велосипед. Дава Бог сила. Почувствувал на своја кожа. Да се појде со велосипед од Прилеп до Молика, не може без верба во Бога. Со верба сегде се оди. Без неа ниедна планина не може да се искачи.

-Потекнувам од свештеничко семејство, затоа и презимето Попоски. Прапрадедо ми Петре пред два века бил свештеник. Имам дома крст стар 200 години со распнатиот Исус Христос. Крстот го користел прапрадедо ми при службите. И јас сум верник. Овде да ме заколат, внатре ќе најдат напишано – православен Македонец. Сé можат да ми земат, ама верата во Бога никој не може да ми ја земе. Материјалното се зема, духовното не. Тоа е онаа сила со која возам на 52 години, а и ќе продолжам натаму – најавува Валентин Попоски – Шербо.

4Илјада и едно премрежје

-Чудата не се случуваат, се доживуваат. Ние сме духовно слепи да ги видиме тие чуда. На секого му се случило нешто, кога му се спасил животот. Имам илјада и едно премрежје. Но, има сила што спасува – Бог. Му благодарам. Беше 15 август 2008, петок. Ранецот наместо на велосипед, првпат го ставив на грб. Од Слива, Мариовско, се враќаме надолу. Пред мене возеше другарот. Ненадејно се испречи некој автомобил. Веднаш сопрев. Кога се удрив во него, преку него летнав колут напред и паднав. Од високо паднав, наместо на глава – на ранец. На меко.  Имав потрес, но никаква повреда. Второ премрежје. Се спуштаме кај Плетвар околу 2001-2002 година. Немаше трета лента. Еден со Сканија на 500 метра далечина свири. Изгледа сопирачките му беа откажани… Пред Ленишки мост имаше како ритче едно. Не се гледаше ништо. Го поминуваме едно ,,југо,,, во него цело семејство. Само што влеговме, Сканијава влегува во мостов, а оттаму и друга Сканија. За сантиметри не нé удри ни едната ни другата. Останавме живи и здрави.

Благодарница

-Со Кире Батле тргнавме за манастирот ,,Свети Илија,, до Зашле, Демирхисарско. Лани на половина пат му се расипа велосипедот и не стигма. Годинава двајцата појдовме. Помогнавме околу црквата, за средување, кревање… Благодарни беа и ни дадоа благодарници.

Рамка 3

Манастирско гравче

-По манастириве помагам за готвење на манастирски грав. Вода му ставам одвечер да откисни. Сабајле ја истурам водата, па турам друга вода. Во неа ставам лук сечкан од три главици, пет благи пиперки, пет лути пиперки издробени. Оставам да се вари. Кога почнува да врие, турам масло, а на крајот не го запржувам, ами му ставам црвен пипер без запршка. Кога ќе се свари, дури тогаш сол му се става. Можи и буковска сол, нане или босилек.

Loading