Преку целиот екран, со крупни букви: ,,Во сабота – гласање за влада,,. Временска прогноза: ,,Денеска (среда) ќе биде променливо облачно со повремен дожд, а во четврток и во петок ќе биде ведро и многу топло,,.
Вечно така, предлогот ,,во,, погрешно употребен. Што треба да разбереме од цитираниве реченици? Вакви какви што се, кажуваат дека штом дојде сабота, ќе се избира влада, а во четврток и во петок времето ќе биде ведро и многу топло. За гласањето влада слушнавме, односно прочитавме во четврток, а гласањето ќе било во првата наредна сабота. Значи – в сабота, а не во сабота. В четврток и в петок времето ќе биде ведро и многу топло. Така, а не во четврток и во петок, зашто тоа означува дека во секој четврток и во секој петок ќе биде ведро и топло. Овие грешки се редовни. Зар нема сила што може да укаже на тоа. А тоа е толку едноставно. Треба да го знаат и новинарите, не само лекторите. А не го знаат ни едните, ни другите. Не само што не го знаат, туку и не ги интересира.
Во Битола, во Хераклеја се одржал концерт пред многу луѓе, премногу. Не се почитувале протоколите за заштита од вирусот. Првата грешка! На сите ТВ екрани читаме – ,,Хераклеа,,. Името на тој антички град неопходно е да биде напишано ,,Хераклеја,, со ,,ј,,. Така се пишуваат – Кореја, Еритреја… Така се пишува и трагедијата од Еврипид – ,,Медеја,,. Всушност, Медеја е главниот лик. За настанот во Хераклеја известуваше новинар чие име не успеавме да го запомнеме. Вели дека во билетарата се продале извесен број карти, а потоа многу луѓе влегувале без карти. Ете, новинар, значи човек што треба да го знае јазикот, уште не научил дека станува збор за ,,билетарница,, а не ,,билетара,,. Ајде, нека му биде ,,билетара,,. Зошто се вика така? Затоа што во неа се продаваат билети, а не карти.
Во последно време редовно сме известувани за настаните во Белорусија, во Минск. Голем дел од населението не ги признаваат резултатите од гласањето. Сметаат дека изборите се нерегуларни и излегуваат на протести. Полицијата ги растерува насобраните граѓани. Употребува и водени топови. Така велат новинарите, а не размислуваат што значи зборот ,,водени,,. Водени топови значи дека станува збор за влажни топови, наводенети. А овде станува збор за ,,водни топови,,. И ваквите грешки се мошне чести. Навистина чудно! Може човек да го постави прашањето од кого го браниме јазикот, неговата правилна употреба. Излегува дека тоа се новинарите, од оние кои треба да го учиме. Несфатливо. И како да нема никаква контрола, како никого да не го интересира оваа проблематика.
Грешки и негрижа среќаваме и во други области, да не речеме – во сите. Чести се ТВ емисии кога гостува извесен специјалист од некоја област. Гостин, доктор, психијатар. Објаснува многу нешта. Го употреби зборот ,,падавица,,. Овој збор сме го слушаме и од други доктори и од многу обични луѓе. Не е ретка појава позајмување на туѓ збор. Но, тој мора да помине низ филтрите на нашите јазични норми. Овде не е можно. Во српскиот јазик, од глаголот ,,пада,, е добиена именката ,,падавица,,. Таа не може да се вклопи во нашиот јазичен систем. А од нашиот глагол ,,паѓа,, не се развила таква можност да се создаде именка изведена од тој глагол. Има случки кога именка може да се создаде од именка. Така од именката ,,несвест,, апсолутно е можна именка ,,несвестица,,. Таа наполно одговара на значењето на српската именка ,,падавица,,. А може да се употреби така да речеме, стручниот збор – ,,епилепсија,,. Тоа е нарушување на нервниот систем што предизвикува напади на губење свест. Зборот ,,епилепсија,, е од грчко потекло од каде што има многу зборови кои се користат во медицината.
Малку и за Собранието. Нов состав, нови пратеници. Слушаме излагање на нова, досега непозната пратеничка. Во убавото излагање, употребува израз – ,,бело робје,,. Грешка. Како онаа, кога ќе речат мошне често ,,трето доба,,. Забораваат дека тоа е ,,трета доба,,. Именката ,,доба,, е од женски род. А овде, именката ,,робје,,е во множинска форма. Збирна множина – робје, снопје, класје и многу такви. Значи треба да се рече ,,бели робје,, а не ,,бело робје,,.