Старите слики ги враќаат постарите во младоста, а кај помладите го предизвикуваат љубопитството за откривање на начините на живот на своите претци, на родителите, бабите и дедовците. Една таква фотографија е од почетокот на минатиот век на местото каде се најдува Поштата. Просторот со анови и акџилници за ноќевање и хранење на трговците и добитокот често бил поплавуван од надојдените води од под Маркукуле и Дабничко. Буици течеле и влегувале во просториите на кујните и пондилата за добитокот. Брановите носеле сé пред себе. Сопствениците со момците и аргатите не можеле лесно да ја припитомат дивата вода. Се снаоѓале со разно – разни колички да го поткренат ниското тло и да направат мали брани и бразди за насочување на водите во тесното корито. Така се бранеле и спасувале не само од водите, туку и од зијанот што го оставала калта зад себе.
Отстранувањето на последиците од водената стихија го забележал некој фотограф. Фотката е своевидно сведоштво на марифетите за совладување на тешко скротливите води. За денешните генерации, таа секако ќе предизвика интерес и нови сознанија.