Незаборавни спомени на Иле Спиркоски – Нанчако
-Работел во два циркуса ,,Маракана,, и ,,Американ,,
Голем настан беше кога во градов ќе дојдеше циркус. Се одушевувавме во акробаците на артистите, вештините на животните, хуморот на кловновите… Кога заминуваше, се прашувавме до кога ќе чекаме пак да се врати. Сме чекале со години, децении. Сакавме да биде секој ден тука, да му се изнагледаме. Токму таа желба, му се остварила на нашиот сограѓанин Иле Спиркоски – Нанчако (64), монтер на челични конструкции.
-Во 1977 година си дојдов од војска. Работа немаше. Пред Дрвното училиште се смести циркусот Маракана со сопственици од Карловац. Љубопитно појдов да го гледам. Разбрав дека бараат лица за товарање на елементите при заминување. Се пријавив заедно со Вецко Браво, сега е во Австралија. Нé прифатија двајцата. Заминавме во Кавадарци, оттаму во Струмица, па Косовска Митровица, Сента, Вршац, Нов Белград, Бечеј… Станавме дел од циркусот – потсетува Спиркоски.
Сведок е на необични настани. Во Бечеј, од трапезот паѓа девојката кој изведувала тројно салто. Му се отпушта од раце на партнерот при отфрлање. Паѓа на мрежата и се лизга на грб под седишта и излегува дури низ шатор. Се стрчуваат и гледаат дека грбот í е изгребан. Но, девојка жилава, издржлива. Се враќа пак на сцената, горе, ја изведува точката успешно, докрај.
-Имаше волшебници, маѓепсници кои ретко се среќаваат. Го носев сандакот во кој влегува девојка, а маж од сите страни ја забодува со сабји. Сабјите се редат од сите страни. Кога го отвораат сандакот, девојката ја снемува. Потоа во сандакот наместо неа, се појавува тигар. За атракција, имаше луѓе од Азија, со копја. Со врзани очи ги редат копјата. Чудо! И сега не можам да сфатам како беше изведено тоа. Тајната ја чуваа и не даваа никој да ја открие – возбудено кажува Нанчако.
Слушаме за трик со девојка која стои и на главата има јаболко. Каква храброст. Маж со лак стрела над нејзината глава го прободува јаболкото. Неразјаснета работа и за нашиот соговорник. Кажува за трик со пили, каде сандакот го сечат на три дела,а внатре е девојката. Секогаш одбирале танка жена за да í го собере стомакот и средната пила да мине крај стомак. Долната врви крај нозе, горната над главата. Се било до милиметар пресметано. Друг трик со девојка која ја ставаа да лебди во воздух. Ја поставуваат на сабји. За да стои така, потребен е некој елемент да има на неа. Секогаш била со долга коса и носела обрач околу вратот.
-Ја поставуваа на жлеб, кој публиката не го гледа. Далеку е и од трибината. Врвот од сабјата влегува во жлебот. Видов и маѓепсник кој вади и пали хартија. Има кибрит со едно чкорче. Ја пали хартијата, а кибритот го фрла. Внатре, на почетокот од кибритот, има книжна пара, банкнота. Пепелта ја собира и божем од пепел ја вади парата. Голема брзина е во прашање. Народот нема шанси да забележи што се случува. Тоа се тајни кои се кријат. Кој е тој што ќе ја каже тајната? Кога вежбаат, го прават затворени во шаторот. Никој нема присутен таму – открива Спиркоски.
Преку денот бил слободен, до почетокот на претставата. Па ја пуштал публиката со билети, се преоблекувал и влегувал кај артистите. Им носел елементи, како маса, столче, слонови… Слоновите од кафез ги изнесувал и пак ги враќал. Имало слонови, лавови, тигри, мајмуни… Со лавовите исклучиво работел дресерот. Надворешно лице не можело да се доближи. Од кафезот се прави тунел од каде се отвора вратата за да влезат во шаторот. Опасност нема за публиката. Како се менуваат точките, така се внесуваат и изнесуваат елементите.
-Тоа го викаа ,,манежа,, внесување и изнесување. Работевме со други на собирање на столови, маси, инвентарот на циркусот, кога заминува во друго место. Висината на циркускиот шатор е од 15 до 20 метра, широкое колу 30 метра. Огромен. Се става во камиони. Специјален камион има за куполата, за шаторското платно. Го држат 4 столба. Транспортот одеше со долг караван од камиони – опишува Спиркоски.
Мачна работа. Секој втор, трет или петти ден се готви за пат. Сабајле стасува некаде, а вечерта одма претстава. Завршува последната претстава и пак собирање. Уште ноќта се патува. Нема чекање, оти времето е пари. Се спие во кампот од циркусот. Нема хотели, нема соби. И во зима, и во лето. Мора да се издржи. Така една година со Маракана, и еден месец во друг, во циркусот Американ, каде бил со братучедот Љубе Вандески.
-Чергарски живот. Само преселби. Нема место на живеење, нема корен фаќање. Пријатни луѓе се артистите и придружниот персонал. Професијата ја пренесуваат на децата. Тие се наследници. Покрај Југословени, имаше од странство. Големо семејство од 50-60 луѓе. Нема лага кај нив. Нема измама. Секој ја гледа работата. Нема мешање. Еден за касата, друг за храната. Секогаш плаќаа навреме. Се беше чесно, најчесно – потенцира Спиркоски.
Со циркусот се разделил во Ријека во 1978 година. Подоцна работел во Металец, па во рудниците Саса и Бор. Станал стечаец како и сопругата со која изгледале две ќерки. Сака внучињата да ги однесе в циркус при првата можност, оти циркусот е, пред сé, да уживаат децата.
Трик со слон
-Имаше трик со девојка која е под слон. Да го отепаш слонот нема да ја пушти ногата врз нејзината глава. Толку е дресиран, што слуша команда. Слонот е најчувствителното суштество. Ги познавам. Многу се послушни. Им давав јадење. Во Штип беше голема горештина. Изгореа за вода. Со нивниот стопан, Индиец, ги одведов на реката Брегалница. Се радуваа бетер од деца.
Прво смешна, па страшна точка
-Нема отстапување од редоследот на точките. Кловновите ги смееа децата и ја расположуваа публиката. По нив доаѓаа лавовите. Гледачите се подготвуваа психички за страшните сцени. Секоја точка има своја намена.
Кражба
-Се случи кражба во Косовска Митровица,. Романци акробации со велосипеди, со две и со едно тркало. Некој ги украл велосипедите. Пријавија в милиција. Ги најде одма милицијата и до почеток на претставата ги донесе назад. Така беше во Југославија.