„Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“
Почна реализацијата на проектот ,,Прилепско езеро – нови авантури, нови можности,,. Содржината на рекреативниот комплекс се две пешачки патеки од 750 метра, кошаркарско игралиште, пингпонгарски маси и игралиште за одбојка, летниковци, урбана инфраструктура и осветлување.
– Со изградбата на овој комплекс ќе се врати сјајот на Прилепското езеро. Ќе се вратат излетите, дружењата, граѓаните ќе имаат можност за рекреација и ќе уживаат во природата. Ќе бидат организирани културни манифестации, забави и слични содржини. Најважен дел е мултимедијалниот простор со 3 летниковци, 20 клупи и платформа за културни манифестации. Просторот ќе биде осветлен. Облагородувањето се очекува да ги предизвика граѓаните на рекреација и релаксација, бидејќи досега недостасуваше вакво катче – истакна градоначалникот Јованоски.
Преку комплексот ќе порасне пристапноста до нови содржини за активен туризам за домашните и странските туристи и за граѓаните.
Од главниот пат до спортско-рекреативниот комплекс ќе се влегува преку пристапна улица со паркинг за 20-тина возила.
Проектот е заеднички ангажман на Прилеп и владата, а финансиски е поткрепен од ЕУ и Владата. Реализација чини 850 илјади евра. Прилеп учествува со околу 100 илјади евра. Администратор е Светската банка. .