Луѓето обожаваат да прават работи потамина. Како да им е нешто привлечно во играњето со непознатото или пак токму непознатото си поигрува со нас. Понекогаш играта е забавна и успешна. Но, може да заврши и со непотребно потрошен материјал.
Сите знаат да прават потамина барем еден добар рецепт. Секој носи со себе подготовка на некоја најслатка и најбрза храна. Тука нема вишок, што повеќе, тоа подобро. Секоја состојка се истресува од кесата, се додава следната и магијата е насекаде во воздухот.
Најдобриот начин да се ужива во златните плодови на есента е да се купуваат потамина. Тоа подразбира избирање на најзрелите сочни овошки кои според нашата груба проценка ќе направат еден килограм на вагата на продавачот. Може да се случат разни отстапувања и грешки, но во тоа лежи убавината во есенското потамина пазарење.
Кога не постоеа уреди за навигација, насоката на движење се погодуваше потамина. Колку и да звучи ризично или неможно, да тргниш по случајно избраниот пат е возбудлива авантура. Патот може лесно да биде погрешен, но како тогаш луѓето да имаа повеќе време и трпение смирено да се вратат и да се обидат повторно.
Правењето на нешта потамина е забавно и предизвикува исчекување до крајот, бидејќи е возбудливо да се дознае резултатот. Најголемо е задоволството кога проценката потамина е точна. На среќата í нема крај.
Потамина е дијалектизам кој потекнува од турскиот збор тахмин што во буквален превод значи предвидување. Во македонскиот јазик се користи со значење на без претходно испитување, непроверено, на слепо, препуштено на случајноста и тоа во улога на прилог.
Нина Насеска